1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Атина не се согласува со двојна формула за името

8 октомври 2008

Во Њујорк денеска (08.10.2008) продолжуваат преговорите за решавање на грчко - македонскиот спор околу името со посредство на Метју Нимиц. Грција сака да го одложи изнесувањето нов конкретен предлог.

https://p.dw.com/p/FW1H
Преговарачите Димитров, Василакис и НимицФотографија: MIA

Во одделни средби со Метју Нимиц своите позиции пред денешната заедничка средба синоќа ги изнесоа грчкиот и македонските преговарачи.

Доколку Македонија продолжи да зборува за двојната формула, нема надеж дека наскоро може да биде решен спорот меѓу Скопје и Атина. Вака грчкиот преговарач Адамантиос Василакис ја коментираше можноста новата рунда преговори да донесе заемно прифатливо решение.

Со голема доза на песимизам, вообичаено разговорливиот грчки дипломат не сакаше да зборува зошто не е оптимист. Тој не ги потврди информациите дека на посредникот Метју Нимиц му пренесол дека Атина нема да прифати име Македонија за нацијата или поинаква варијанта од едно име за земјата за сите употреби.

Василакис еден час го убедувал медијаторот дека е рано за презентирање нов конкретен предлог.

Обид за подобра преговарачка позиција

Македонските претставници Никола Димитров и Мартин Протoѓер не соопштија детали од средбата кај Нимиц. Тие меѓутоа имаат дијаметрално спротивни очекувања од денешната заедничка средба кај посредникот. И покрај ограничувањата во нивниот мандат и отворениот концепциски судир меѓу македонскиот претседател и премиер, тие се обиделе да издејствуваат подобра позиција во преговорите.

UN Mediator, Mathew Nimitz in Skopje
Грција бара единствен македонски став, Нимиц во поранешна посета на СкопјеФотографија: Dragan Todorovski

Според неофицијални информации од средбита на Нимиц со македонската екипа, тој разговарал за судирот во македонскиот државен врв и за евентуалниот равој на настаните, доколку оваа негова иницијатива, поттикната од американската администрација, не вроди со плод. Најголемиот дел од разговорот со Василакис поминал во инсистирањето на грчкиот преговарач за Нимиц да се откаже од нов предлог, се‘ додека Македонија не излезе со заеднички државен став. Ова барање Нимиц го одбил, со обајснување дека предлогот е само дел од преговорите, кои продолжуваат без разлика на реакциите на Скопје и Атина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема