1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Лек за астма - нова надеж за третман на Ковид-19

Мадлен Пит
15 април 2021

Стероид кој вообичаено се користи во инхалатори за астма има потенцијал да спречи сериозни симптоми на Ковид-19. Со него болеста може да се третира во рана фаза и може да помогне да се намали притисокот врз болниците.

https://p.dw.com/p/3rzrg
Asthma Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/empics/Y. Mok

Вообичаен лек против астма може да биде ефикасен во третманот на Ковид-19 во рана фаза кај возрасни, се вели во студијата објавена во медицинското списание „Лансет“. Истражувачите од универзитетот Оксфорд откриле дека кај пациентите на кои им бил даван анти-инфламаторниот лек будесонид за краток период, имало помала веројатност да имаат потреба од итна медицинска помош или хоспитализација и тие имале пократко време на опоравување од почетокот на заразувањето со Ковид-19. Исто така, била намалена и можноста за пролонгирани симптоми и треска.

Во контролираното испитување по случаен избор учествувале 146 возрасни лица во период од седум дена од почетокот на појавата на благи симптоми со Ковид-19. Половина од учесниците го инхалирале лекот будесонид двапати на ден сѐ додека не исчезнале нивните симптоми, а другата половина добиле стандардна нега која им била дадена врз основа на возраста, полот и претходните болести. Во групата која го користела будесонид, на само на едно лице му била потребна итна медицинска помош, во споредба со 10 лица во групата кои добиле стандардна нега за Ковид-19.

Друга студија на универзитетот Оксфорд, која допрва треба да помине стручна рецензија, исто така, открива дека инхалираниот будесонид им помогнал на луѓето кои имале поголем ризик за полоши симптоми со Ковид-19 побрзо да се опорават. „Постои добра биолошка логичност [за] тоа зошто [кортикостероидите] би помогнале“, вели Клои Блум, постара соработничка за клинички истражувања од Националниот институт за срце и бели дробови на Империјал колеџот во Лондон.

Кортикостероидите, како дексаметазон, веќе ефикасно се користат кај сериозно болните хоспитализирани пациенти со Ковид-19. Блум вели дека истражувачите сметаат дека тоа е така, веројатно затоа што се намалува воспалението поврзано со тежок Ковид-19, а будесонидот веројатно делува на сличен начин, но можеби полокализирано.

Студиите исто така покажаа дека употребата на инхалирани стероиди кај луѓе со астма и хронично опструктивно белодробно заболување (ХОБЗ) го редуцура рецепторот што го пропушта Сарс-КоВ-2 во белите дробови, вели Блум, а лабораториски испитувања покажаа дека инхалираните стероиди може да ја спречат репликацијата на вирусот.

Намалување на притисокот врз болниците

Научниците истакнаа дека истражувањето било инспирирано од извештаите за прием на ковид-пациенти во болниците, кои покажале дека пациенти со хронични респираторни заболувања се значително помалку застапени.

Тие тргнале од претпоставката дека широката употреба на инхалирани глукокортикоиди, еден вид кортикостероид, кај овие пациенти е причината за ваквите податоци.

Повеќе:

-Дексаметазон- пресврт во лекувањето на заболените од Ковид-19?

-Коронавирус: Во САД одобрен нов експериментален третман

-Ковид-19: Зелено светло за плазма-терапија во САД

Во истражувањето било проверено дали будесонидот има потенцијал да ја намали потребата на пациентите со Ковид-19 за интензивна нега, и со тоа да го намали притисокот врз болниците.

„Станува збор за широко достапен, евтин лек, кој е релативно безбеден, и кој може да им се дава на пациентите на почетокот на нивното заболување со Ковид-19“, рече Мона Бафадел, една од авторите на студијата и вонреден професор по респираторна медицина на универзитет во Оксфорд. „Ова би го намалило притисокот врз системите за здравствена заштита“.

Карл Лаутербах, германски пратеник од редовите на социјалдемократите и епидемиолог, на Твитер напиша дека студијата е „менувач на играта“, делумно затоа што идентификува потенцијален ран третман на Ковид-19, што може да го препише матичен лекар.

Додека повеќето истражувања за лекување на Ковид-19 досега се фокусирани на пациенти кои веќе имаат сериозни симптоми, ова истражување покажува потенцијал за рана интервенција.

„Она што е уникатно во врска со ова истражување е тоа што се осврнува и на луѓе кои се изложени на мал ризик во однос на сериозни ефекти од Ковид-19“, истакнува Блум.

Сумја Сваминатан, главен научник во Светската здравствена организација, на Твитер изјави дека резултатите се „охрабрувачки“ и треба да се направат повеќе истражувања во областа на амбулантско лекување на Ковид-19.

Што прават кортикостероидите?

Кортикостероидите природно се произведуваат во телото, но синтетичките верзии се користат како антиинфламаторно средство за лекување на низа воспаленија.

Тие се на листата на Светската здравствена организација на основни лекови, и често се препишуваат за луѓе со астма и други респираторни заболувања во форма на инхалатор. Тие го намалуваат воспалението и се сметаат за неопходни за контрола на болеста. 

Кортикостероидите претставуваат еден од двата главни типа на третман на астматичари. Тие се дизајнирани да спречат напад на астма во прв ред со намалување на основното ниво на воспаление. Вториот вид на третман, бронходилататорите, се дизајнирани да ги релаксираат мускулите кога навистина ќе се случи напад.

Додека кортикостероидите се лесно достапни и евтини во некои делови на светот, тоа не е секогаш случај за земјите со ниски и средни приходи, каде пристапот до такви лекови може да биде ограничен, наведено е во Глобалниот извештај за астма во 2018 година.