1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фотографија на денот: Речиси сите за Асад

Сузане Ајкенфондер
28 мај 2021

Победникот на изборите во Сирија беше познат однапред. Официјалните резултати ја потврдуваат победата на Башар ал-Асад. Западот зборува за измама и ги продолжи санкциите.

https://p.dw.com/p/3u5TA
Weltspiegel | Damaskus, Syrien | Präsidentschaftswahlen
Фотографија: Yamam al Shaar/Reuters

Опозицијата во Сирија зборува за фарса, Западот за измама. Но, сирискиот властодржец не се возбудува - тој на претседателските избори во Сирија победи со 95,1% од гласовите. Одзивот изнесува 79%.

Неговите двајца противкандидати беа без шанси. Махмуд Мари, кој е дел од опозицијата толерирана од власта во Сирија, доби 3,3% од гласовите, а Абдула Салум Абдула - 1,5%. Нивните имиња значат нешто само за малкумина од Сиријците.

Се гласаше само во делот од Сирија кој е под контрола на Асад, а тоа се околу две третини од територијата, како и во сириските амбасади во странство. Сириските бегалци кои немаат печат за излез од Сирија во своите пасоши, не можеа да гласаат.

Европската унија, со оглед на условите во кои се одржаа изборите, не ги признава резултатите. Таа вчера ги продолжи санкциите против владата на Асад за уште една година - до 1 јуни 2022. Тука се вбројуваат ембарго на нафта, ограничувања за инвестиции, замрзнување на капитал на сириската централна банка, замрзнување имоти на 283 Сиријци, забрани за влез, како и замрзнување на имотот на 70 организации и компании.

Кланот Асад владее во Сирија повеќе од 50 години. Во ноември 1970 година, со воен пуч, на власт дојде Хафис ал-Асад, а по неговата смрт во 2000 година највисоката функција ја презеде неговиот син Башар.

На оваа фотографија - сириски избирачи со автобус одат на гласање во Дамаск.