1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Архива: Македонија е пред опасна крстосница

Костадин Делимитов8 септември 2015

Дел од аналитичарите се загрижени од правецот по кој се движи Македонија. 24 години по независноста, земјата е исправена пред нов сериозен почеток.

https://p.dw.com/p/1GScZ
Фотографија: MIA

„Нека ни е честита слободна, суверена, самостојна Македонија!“ 24 години од историскиот 8 септември 1991-ва, Македонија го живее својот вековен сон и стремеж. Патувањето кон историската цел и заложба во изминативе безмалку две и пол децении, кој започна со огромен ентузијазам не беше ни малку комфорно, обременето со политички, економски и безбедносни предизвици. Но каде е земјата по неколкуте извозени етапи, се приближи ли кон целта, го оствари ли идеалот, го живее ли сонот? Дел од истакнатите личности од македонскиот општествен живот со доза на разочараност предупредуваат дека не само што е далеку од целта, туку одамна е скршната од главниот автопат и се движи во погрешен правец. Долгогодишниот политичар и активен учесник во процесите на градење на македонската држава Стојан Андов предупредува дека Македонија веќе неколку години е длабоко заталкана во погрешна насока:

„Независноста беше највисокиот дострел во нашата историја. Сите очекувања беа да се искористи тој историски момент, кој го остваривме и покрај проблемите што ги живеевме во првите години и ги преживеавме. Со влезот во ОН ни се отвори патот за опстанок и станавме дел од меѓународната заедница. Бевме соочени со проблемот со Грција, но низ годините со конструктивен однос ги надминавме тешкотиите со блокадите, ембаргата. Она што не се сфати добро кај нас уште на самиот почеток е дека сами не можеме да го решиме овој проблем и дека ни треба поддршка од меѓународната заедница. Тука сметам дека најкоректни се покажаа Американците. Меѓутоа, некаде од крајот на 2007 година па наваму се пее сосема друга песна. Оттогаш тогашната и се‘ уште актуелна власт фактички го изгуби планот, правецот, основните сознанија како Македонија како мала земја може да се етаблира и развива. Сведоци сме за жал на период во кој народот објективно се подбуцнува со недоверба кон Западот, нешто со што одамна сме расчистиле. Но тоа не може така, тоа е погрешна ориентација, која е штетна за Македонија, за народот, за нашите стратешки цели. Анкетите покажуваат дека народот тоа не го слуша и тоа е добро. Постојат услови да се сврти од овој погрешен курс, меѓутоа во овој момент најтрагично е што сегашната власт не признава, а можеби и не знае дека води погрешна политика, политика која е многу опасна и убиствена за нас. Затоа стравувам дали ќе се освестат, дали ќе отстапат“, коментира Андов.

Договорот од Пржино, според Андов, е добар почеток за излез од актуелната состојба, но клучно според него е политичките актери да се држат до она што стои во него и да го спроведуваат:

„Таму сите се сложиле дека ни претстои транзиционен период, сите други работи се детали кои можат да се направат и вака и онака, но транзициониот период треба да се оствари како што е договорено. Тоа значи да се смени оваа власт, овој правец да се смени и да се вратиме на патот кој го почнавме уште од 1991. Кога беа првите контакти со Бадентер ние почнавме со разбирање да се однесуваме кон меѓународната заедница. Некои овде тоа го викаат виткање на рбетот, некои пак предавници, но тие луѓе немаат поим каде и во кое време живеат. Така што, мислам дека не е добро ако се прават отстапки од тој договор од Пржино, посебно таму каде што се зборува за транзициониот период. Голема помош е и анализата од експертите под водство на Прибе, кој дава солидна основа како да се променат состојбите во Македонија. Тоа е од општа корист за нас. Ние сега очигледно немаме судство кое обезбедува правда на луѓето, се води многу остра пропаганда со сосема искривување на работите. Се зајакнува атмосферата која ја воспоставија, се води една антимакедонска кампања. Затоа сметам дека мора да се спроведе транзициониот период и да се смени начинот на владеење во Македонија, тоа предвидува и заминување од политиката на подолг рок на некои луѓе, особено тука мислам на премиерот, но не е само тој. Но ако не се освестат, ако нема суштински промени загрижен сум за државата бидејќи друг пат не гледам. Не би сакал тоа да дојде, но загрижен сум, бидејќи за нашата земја не гледам ништо друго освен одење по тој пат“, смета Андов.

Mazedonien Mazedonier Menschen Skopje Mazedonische Garde Madezonische Flagge
Фотографија: MIA

Две и пол децении по независноста, според дел од аналитичарите, е безмалку поразително што во Македонија се‘ уште се зборува за отсуство на демократија, слобода на медиумите, длабока сиромаштија. Вината за ваквите состојби помалку или повеќе лежи кај сите, но доминантно одговорна е актуелната власт која не покажува лидерство и политичка волја и зрелост за државност и одбрана на интересите на граѓаните, предупредува политичкиот аналитичар Исмет Рамадани:

„Ние и тогаш на почетокот на 90-те, како и сега, бевме исправени пред предизвици, но разликата е во тоа што тогаш во тие предзвици имавме една цел јасна, да создадеме независна Република Македонија. Се разбира дека и тогаш парламентот како плурален имаше доста спротивставени ставови како да се дојде до тоа . Имаше пратенички групи кои сакаа тоа да се заврши набрзина, без да ги осмислат методологиите. Но во сите тие политички конфронтации имаше јасна цел - да се создаде независна држава, интегрирана во ЕУ и НАТО. Тогаш таа одговорност за државност беше на високо ниво, тој голем ентузијазам кај нас дека ќе бидеме демократска, економски силна држава, развиена и интегрирана, тоа некако не‘ носеше со волјата да се направи помодерна и подемократска. Но со времето гледам дека таа цел и тој ентузијазам не се остварени. Денес, за жал, сме држава која е економски неразвиена, со голема стапка на сиромаштија, една третина се на прагот на сиромаштијата, земја каде има политичка криза. Криза која има и безбедносни закани. Денес се‘ уште зборуваме како да имаме независно судство, слободни медиуми, меѓуетничките односи кои се‘ уште не се релаксирани како што очекувавме тогаш“, предупредува Рамадани.

Одговорноста и сериозноста, според Рамадани, посебно на политичарите од редовите на актуелната власт се клучниот предуслов за излез од актуелната состојба:

„Ни преостанува уште еднаш добро и сериозно да седнеме во еден зафат на реформи со одговорно политичко однесување, одговорни политичари кои нема да гледаат за свои лични интереси, групни, партиски, туку интересот на државата. Сето тоа бара многу макотрпна работа, многу ризици и голема одговорност. Но јас не сум оптимист дека актуелните елити, ова лидерство има капацитети за такво нешто, затоа што тие во неколку наврати покажаа дека немаат политички и лидерски капацитет да донесат големи одлуки. Се‘ додека дијалогот, односно договорите, како последниот од Пржино што е клучен и многу важен за државата, доаѓаат под голем притисок однадвор, тоа значи дека нашите лидери не се дораснати сами да ја преземат одговорноста, сами да оценат кога и како треба да се постигнат компромиси за интерес на државата и сами да размислуваат во нивното лидерство каде ја носат Македонија, што прават за граѓаните и колку се дел од она што е проект за Западниот Балкан во однос на забрзување и членство во ЕУ и НАТО“, предупредува Рамадани.

Mazedonien Fotolia Karte
Фотографија: Fotolia/Bastos

Дека Македонија е пред сериозен предизвик и пред можеби најзначајната крстосница предупредуваат и дел од пратениците на ВМРО ДПМНЕ во првиот собраниски состав. Во отворено писмо тие упатија низа критики до актуелното раководство на паријата со барање да се вратат на првичните цели:

„По 24 години од денот на сенародниот референдум, денот на најголема радост, се наоѓаме како држава во тешка политичка и институционална криза, можеби најтешка досега! Треба да си признаеме дека не ни успева да отвориме нова страница како што ветувавме во 2006 година, за гонење на криминалот и корупцијата! Да си признаеме дека не само што не успеавме да излеземе од спиралата на злото, туку уште подлабоко се нурнавме во неа, такаречи ’шампионски’. Зградите стојат, ама духот на народот, духот на граѓаните на Македонија, духот на Македонија го урнисавме! Затоа ни се иселува народот и не сака дури ни да се сврати назад“, стои во писмото на поранешните членови на ВМРО-ДПМНЕ.

24 години по историскиот референдум, Македонија е соочена со огромни предизвици и се‘ уште е пред портите на ЕУ и НАТО. Оправдувањата дека вината за ваквите состојби не е е само домашна, можеби во дел се и оправдани, но дефинитивно не и кога станува збор за актуелните состојби со високата невработеност, длабоката сиромаштија, одливот на мозоци, клучните проблеми и предизвици за кои политичките елити не успеваат да најдат ефикасен одговор.