1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Антиваксерите во Хрватска – загрозени или загрозувачи?

Ненад Ивановиќ
30 декември 2021

Додека од една страна противниците на вакцинацијата тврдат дека им се загрозени граѓанските слободи и права, од друга страна тие упатуваат јавни повици за војување и напади врз новинари.

https://p.dw.com/p/44xvY
Протест во Пула на противниците на вакцинацијата и на корона-мерките
Протест во Пула на противниците на вакцинацијата и на корона-меркитеФотографија: Nenad Ivanović/DW

„По струка сум негувателка. Не ми даваат да работам. Триесетте тестирања оставија последици. Сега сум на боледување, на товар на државата. И така им треба“, порача една противничка на вакцинирањето на еден од собирите на антиваксерите во Пула, кои деновиве се одржуваат и во многу други хрватски градови.

Оваа жителка на Пула, како и нејзините истомисленици, тврдат дека Штабот на цивилната заштита на Република Хрватска со своите одлуки насочени кон сузбивање на пандемијата им ги одземаат граѓанските слободи и правата гарантирани со Уставот.

Имено, вработените во јавните и во државните служби, како и во болниците, веќе не можат да одат на работа доколку не се вакцинирани или не се заздравени, односно доколку не се тестираат.

Недоверба во науката

Паралелно со заострувањето на епидемиолошките мерки и со најавата за натамошни рестрикции, расте незадоволството кај дел од хрватската јавност, што вешто го искористија одделни политички партии, особено десно ориентираните. Партијата Мост започна две референдумски имицијативи „против штабократијата“, а деновиве соопшти дека собрала 400.000 потписи, што е доволно за референдум со кој сакаат во Уставот да се внесе одредба со која за ограничувањата на правата и на слободите на граѓаните во време на пандемија може да одлучи единствено Саборот, и тоа со двотретинско мнозинство.

Пароли на демонстрантите
Пароли на демонстрантитеФотографија: Nenad Ivanović/DW

Исто така, бараат укинување на ковид-потврдите. Нервозата кај дел од јавноста стана поголема откако Владата најави дека од 4 јануари ковид-потврди ќе можат да добијат само оние кои се вакцинирани или заздравени, што практично би значело дека веќе нема да се признава тестирањето.

Повеќе: Вакцинација: Антиваксерите имаат право на протест, но и граѓаните имаат право на здравје

Ја прашавме народната правобранителка, Тена Шимоновиќ Ајнвалтер, дали веќе сега се загрозени правата на оние кои, како жената на почетокот на текстот, не само што не се вакцинирани или заздравеле, туку одбиваат и да се тестираат. Таа тврди дека најголем ризик од загрозување на човековите права и дискриминација во пристапот на правата во моменов имаат оние кои не можат да си дозволат тестирање, особено ако треба да се тестираат повеќепати неделно.

„Мислам дека би било подобро ако поголем број луѓе доброволно би се вакцинирале. Но, треба да бидеме свесни за бројните различни информации, вклучувајќи ги и лажните вести кои влијаат врз одлуката на граѓаните за вакцинирање, при што посебно мислам на информациите кои лесно се шират на социјалните мрежи. На тоа треба да се додаде и големата недоверба на граѓаните во институциите, различните социјални чинители, но и во науката“, вели правобранителката.

Тена Шимоновиќ Ајнвалтер, народна правобранителка на Хрватска
Тена Шимоновиќ Ајнвалтер, народна правобранителка на ХрватскаФотографија: Nenad Ivanović/DW

Одговорност на државата

Сега, вели, доаѓа да се наплати недовербата на граѓаните во институциите кои во коктел со информирањето на социјалните мрежи, како со фактот дека ситуацијата и објективно постојано се менува, имаме ситуација во која голем дел од граѓаните не се одлучиле доброволно бесплатно да се вакцинираат во текот на сите овие месеци. Имено, досега се вакцинирани само 55,5 отсто од возрасното население, а за да се постигне колективен имунитет, потребни се барем 80 насто. Од Ковид-19 во Хрватска починаа 12.300 лица, а активни случаи има над 16.000.

Повеќе: Хрватска: Медицински сестри не се вакцинираат иако не се антиваксерки

Државната правобранителка, вели дека секојдневно и' се обраќаат граѓани, опишувајќи различни животни ситуации, односно препреки на кои наидуваат во обид да ги остварат своите права, особено по ширењето на употребата на сертификатите за ковид во целиот јавен и државен сектор. Според неа, успехот за вакцинирањето е одговорност на државата.

„Мислам дека во комуникацијата кон граѓаните за важноста и за улогата на вакцините е направено помалку отколку што беше потребно, со оглед на сите околности. Младите можеби би се вакцинирале во поголема мерка ако пораката одеше преку ТикТок, преку инфлуенсери и со цел да се поврати социјалниот живот кој им недостасува. Родителите би се вакцинирале во поголем број поради своите деца, некои можеби би се вакцинирале ако пораката дојдеше од фудбалерите, некои порано да слушнеа пораки од верските лидери“, набројува Шимоновиќ Ајнвалтер.

#dw_BalkanBooster: Да се вакцинирам или не, прашање е сега!

Голема подвоеност

Правобранителката смета дека е алармантен и фактот што сѐ почесто сме сведоци и на повиците за насилство. „Видовме посторјување, па и јавни повици за војување, јавно се објавуваа и списоци на т.н. предавници, нивните адреси и членовите на семејства. Тоа се исклучително загрижувачки појави. Имавме низа напади на новинари за време на протестите, а во последните денови нападот на докторката од Бјеловар и плакати на кои на докторите им се најавува судење и одговарање за вакцинацијата, како и закани со смрт на редакцијата на порталот Фактоград, за што отворивме предмети и ги следиме постапките на надлежните“, вели Шимоновиќ Ајнвалтер.

Кога станува збор за сѐ поголемиот притисок од работодавачите за да се вакцинираат вработените, односно да имаат ковид-сертификати, Крешимир Север, претседател на Независните хрватски синдикати, исто така, забележува подвоеност меѓу луѓето. „На една страна се застапниците за вакцинацијата кои се тивко мнозинство, а ги имаме и противниците на вакцинацијата кои се многу погласни, при што синдикатите не можат да застанат ниту на една страна“, објаснува Север.

Исто така, се договориле оти на сите свои членови, независно од тоа дали се за или против вакцинирањето и ковид-сертификатите, да им ја дадат сета потребна правна помош ако дојде до какви било проблеми поврзани со нивните работни односи.