1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

АНБ: Сѐ е документирано во „случајот Камчев“

БГ
31 август 2021

Од Агенцијата за национална безбедност брифираат дека се извршени безбедносни проверки за сите пристигнати бегалци од Авганистан. Будно се следат и повратниците од блискоисточните фронтови.

https://p.dw.com/p/3zje7
Nord-Mazedonien |  Orce Kamcev, mazedonischer Unternehmer
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Случајот со службената белешка за бизнисменот Јордан Камчев која крена голема прашина во јавноста е чист и постапено е согласно овластувањата на Агенцијата за национална безбедност.
„Се е документирано“, велат од АНБ и појаснуваат дека целосната документација за случајот веќе била презентирана и пред собраниската комисија, која немала никакви забелешки.
Извори од Агенцијата информираат дека во меѓувреме се гонат „лицата“ кои биле инволвирани во објавувањето на документот кој се смета за класифициран. 
Информацијата која ја подготви АНБ за опасноста од бегство на Камчев, кој е обвинет во случајот „Плацови на Водно“, доведе до негово апсење и одредување мерка притвор каде е од 14 март годинава. „Службената белешка“ или информацијата како што ја нарекуваат во АНБ, протече во јавноста и беше објавена на социјалните мрежи.
Одбраната на Камчев смета дека белешката е незаконска, затоа што АНБ немала надлежност да го следи бизнисменот кој не бил закана за националната безбедност.
Но, од АНБ објаснуваат дека се што правеле во случајот е документирано и законски, и не откриваат дали до информацијата за потенцијално бегство на Камчев дошле следејќи го него или некој од неговото опкружување.

Бегалците се проверени

Од АНБ, која утре слави две години од основањето, информираат и дека се извршени безбедносни проверки на првата група бегалци кои пристигнаа во земјата од Авганистан. Оттаму уверуваат дека приемот на бегалците има хуманитарна нота и не постои никаква опасност за безбедноста на државата.
Од друга страна, Агенцијата будно ги следи и повратниците од фронтовите на Блискиот исток, кои изминативе години беа дел од тамошните екстремистички и терористички формации, особено од Исламската држава. Вкупно 160 македонски државјани заминале на боиштата во Сирија и Ирак, а од нив 90 се вратиле во земјата. Се проценува дека 60 луѓе загинале, додека за повратниците се водат кривично-правни постапки и дел се во затвор во земјава, а дел во странски држави. 
Една терористичка групација од 11 луѓе со врски со Исламската држава, веќе беше разбиена во државата.