1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови права

Амнести Интернешнал: Добриот, лошиот и грдиот?

Роберт Маџ
28 мај 2021

Во изминатите 60 години Амнести Интернешнал укажува на сите форми на повреда и злоупотреба на човековите права насекаде во светот. Но, организацијата беше и предмет на критики заради некои нетранспарентни постапки.

https://p.dw.com/p/3u4bH
Protest gegen Guantanamo
Протестна акција на Амнести во 2014 година за ослободување на преостанатите затвореници во ГвантанамоФотографија: Nicolas Maeterlinck/AFP/Getty Images

„Наместо да ја проколнуваш темнината, подобро е да запалиш свеќа.“

Питер Бененсон не ни насетувал дека текстот што го напишал во 1961 година ќе ја дефинира суштината на Амнести Интернешнал, содржана во горенаведените зборови.

На 28 мај 1961 година весникот „Лондон Обсервер” објави текст со наслов „Заборавените затвореници“ од британскиот адвокат Бененсон. Читајќи си го утринскиот весник налетал на информација за двајца португалски студенти кои биле затворени бидејќи во еден ресторан кажале здравица за слобода. Португалија во тоа време беше под диктаторот Антонио де Оливеира Салазар.

Згрозен од нивното затворање, Бененсон во текстот бара нивно ослободување и ги повикува читателите да пишат писма до португалската влада. Бененсон оди и чекор понатаму и наведува и други примери на повреди на човековите права ширум светот. Го користи изразот „затвореници на совеста" за да ја нагласи маката на „секој човек кој физички е оневозможен, преку затворање или на друг начин, да изрази мислење во кое искрено верува и кој притоа не заговара или користи насилство“.

Неговата кампања, Барање за амнестија 1961, е претходник на она што денес е познато како Амнести интернешнал.

Иницијалниот фокус на организацијата, заборавените затвореници, постепено се проширувал како дел од развојот „од мандат до мисија“. Во 1970-тите години фокусот на Амнести бил третманот на затвореници во повеќе латиноамерикански диктатури, преку лансирање кампањи против измачување и смртна казна.

За ангажманот против тортура Амнести во 1977 година ја доби Нобеловата награда за мир.

Нови проблеми се појавија во 1980-тите години, вклучувајќи вонсудски убиства, политички убиства и присилни исчезнувања. Кон крајот на таа декада вниманието на Амнести се сврте кон растечкиот број бегалци во светот.

Flash-Galerie 50 Jahre Amnesty International AI Gründer Peter Benenson
Питер Бененсон не ни насетувал дека текстот што го напишал во 1961 година ќе ја дефинира суштината на Амнести ИнтернешналФотографија: picture-alliance/dpa

Промена на фокусот

Во 1990-тите Амнести се насочи кон вооружените конфликти, откривајќи злосторства во Источен Тимор, Руанда и поранешна Југославија. Од 2000-тата наваму организацијата откриваше и ги ставаше на столбот на срамот економските и социјалните неправди кои произлегуваа од растечките ефекти на глобализацијата.

Влијанието од нивната работа во првите 30 години е многу поразлично од она што го има и може да го има во денешно време, оценува д-р Ања Михр, програмски директор на „Хумболт Вијадрина“ центарот за владеење преку човекови права и поранешен член на Бордот и поранешен претседател на Амнести интернешнал во Германија.

„Амнести во раните години разви механизми за подигање на свеста апелирајќи до владите и јавноста преку кампањи со пишување писма. Затоа во првите 30 години, па можеби и 40 и 50, не беше толку важно дали Амнести со своите постапки ќе предизвика директна реакција на владите."

Секако, светот оттогаш драматично се промени, меѓу другото и поради глобализацијата и ерата на информатичка технологија.

„Не сум секогаш сигурна дали способноста на Амнести добро да истражи случај, да најде докази и натаму е потребна во иста мера колку и порано, кога има толку многу други установи кои го прават тоа. Ние имаме поинакви средства за да се открие што се случува на терен. За тоа веќе не ни е потребна НВО“, вели Михр.

Portugal | Amnesty International Mahnwache in Porto
Ангажманот на Амнести за човековите права мора да се прилагоди на предизвиците на иднинатаФотографија: Francisco Seco/AP Photo/picture alliance

Не е злато сѐ што блеска

За Амнести не беше сѐ така едноставно во изминатите 60 години. Организацијата тврди дека не следи политичка идеологија, ниту „поддржува или се спротивставува на која било влада или систем“. Но, критичарите велат дека го прави токму тоа. Има обвинувања за еднострано известување или пропусти во земањето предвид на закани за безбедноста како олеснителен фактор.

Дел од проблемот е тоа што организацијата е сѐ уште заглавена во минатото, вели Стивен Хопгуд, професор по меѓународни односи на СОАС Универзитетот во Лондон, кој е специјализиран за меѓународната политика на хуманитаризам и човекови права и е автор на книгата: „Чувари на пламенот: Која е Амнести Интернешнл.“

„Амнести е организација настаната во ерата на Студената војна, а според начинот на кој е основана и како функционирала, вистинско чудо е од многу причини што опстојала 60 години. И притоа не мислам нужно на пропусти во самата организација, туку повеќе на тоа дека светот денес е многу покомплексен и поразличен од 1960-тите или 1970-тите години на минатиот век.“

Некои од најгласните критики се однесуваат на нејзината наводна надворешнополитичка пристрасност против не-западните или земјите кои не биле поддржани од Западот. Но, Хопгуд вели дека ваквата оценка треба да се гледа од временска перспектива.

„Таа беше една од малкуте меѓународни организации кои го промовираа принципот на слобода на изразување. И се трудеше тоа да го прави на најнеутрален и најправеден можен начин, избирајќи затвореници на совеста од Западот, Истокот и од земјите во развој. Од многу аспекти беше многу едноставно кога Амнести можеше да препознае кој е непријателот, а непријателот беа авторитарните влади насекаде.“

Политиката на неутралност и позиција на незаземање страна, станува сѐ потешко одржлива, бидејќи денешните предизвици се многу комплексни. 

„Еве, на пример, земете ја последната војна помеѓу Хамас и Израел. Ако настапите со она што сметате дека е неутрална позиција, одговорот секако би бил дека е ужасно кога страдаат невини цивили. Но, оние кои се строго произраелски или пропалестински настроени и во тоа ќе гледаат поддршка за непријателот - ако не сте со нас, тогаш сте против нас. Како може двете страни да се поистоветат, кога Израел е воено многу помоќен и има поголема контрола“, вели Хопгуд.

Повеќе: 

Човековите права остануваат идеал

Амнести: Борба за човекови права!

Нова ера на приоритети

Во суштина, има промена од ерата каде на човековите права се гледаше неутрално во конфликт и воени ситуации, или начинот на кој одредени влади ги третираат нивните граѓани. До одреден степен тоа не е повеќе применливо во денешниот свет, велат експертите.

„Таквиот свет е потиснат преку мобилизирањето на народот околу цела низа проблематични и комплексни теми, како што се сексуалната работа или абортусот. И двете страни често се повикуваат на човековите права како дел од нивната идеолошка или етичка позиција“, вели Хопгуд.

Во извештај објавен во 2019 година пишува дека во Амнести Интернешнал имало „токсична“ работна средина, со инциденти како мобинг, јавно омаловажување и дискриминација. Овие проблеми се често својствени за комплексни и бирократски организации кои обединуваат луѓе со различни погледи или етика.

Во својата книга Хопгуд опишува како заради личната жртва за добри цели може да се плати голем цех доколку нема работна средина која пружа поддршка.

„Луѓето честопати по два месеца интервјуирале затвореници кои биле измачувани, во ужасни затворски услови.“ Во централната организација долго време никој не сакал за слушне за психичниот товар поради таквата работа.

Допрва ќе се види како Амнести ќе функционира во следните 60 години. Улогата на Амнести ќе биде обликувана според политичкиот пејсаж во кој се наоѓа.

„Како можеме да имаме најголемо и најсилно влијание? Дали сѐ уште преку подигање на свеста? Дали и натаму барајќи одговорност главно од владите? Дали оние кои се одговорни за кршење на човековите права и оние кои може да ја променат ситуацијата на теренот во корист на човековите права се истите оние лица од пред 20 или 40 години? Би рекла, не. Мислам дека ситуацијата е променета, поради што методите на Амнести треба да се адаптираат на сегашната состојба,“ вели Михр.