1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Амбициозните Полјаци ќе диригираат со ЕУ

1 јули 2011

Полска од денеска (01.07.) го презема претседателството со ЕУ. „Сакаме да инвестираме во иднината на Еврoпа“, рече неодамна во Берлин полскиот претседател Бронислав Коморовски. Тоа е и мотото на Полска.

https://p.dw.com/p/11mOK
Логото на полското претседателство со ЕУ
Логото на полското претседателство со ЕУ

Фокусот на Полска за време на претседавањето со ЕУ ќе биде ставен врз растот и проширувањето на ЕУ. „Наш прв приоритет е повторно да го поттикнеме растот во Европа, зашто веруваме дека од тоа зависат многу нешта - посилната солидарност, поголемата великодушност во соседството и поголемата отвореност кон проширувањето“, вели полскиот министер за надворешни работи, Радослав Сикорски. Во поглед на должничката и монетарна криза, Полска која не е дел од еврозоната, се обидува да биде дел од решението, нагласува Сикорски. Тој посакува другите земји да имаат законски определена горна граница за државно задолжување, како што тоа го направи Полска пред повеќе години.

Земјата има намера за време на претседавањето да го поттикнува и натамошното проширување на ЕУ. Варшава е оптимист во поглед на завршувањето на преговорите со Хрватска за приклучување до крајот на годината, а на самитот во Варшава во септември се очекува потпишување и на Договоро за стабилизација и асоцијација со Украина.

Во амбициозните цели на Полска се вбројуваат и сраснување на внатрешниот пазар во ЕУ, особено во делот на електронски услуги, потоа заедничка европска енергетска политика и развој на безбедносната и одбранбена политка на ЕУ.

Пораки и до сопствените граѓани

Пораките на Варшава не се насочени само нанадвор, туку и кон сопствените граѓани. Владата апелира до граѓаните, пред се‘ до опозицијата, да бидат солидарни, зашто наредната половина година е важен период за земјата и шанса која нема да се повтори. Жестоки напади и обвинувања само би му штетеле на меѓународниот имиџ на земјата, се вели во редовите на власта.

Радослав Сикорски: Полска не е дел од проблемот со еврото, но се обидува да биде дел од решението
Радослав Сикорски: Полска не е дел од проблемот со еврото, но се обидува да биде дел од решениетоФотографија: Michal Jaranowski

Токму таквиот апел за соработка кај опозицијата не наидува на многу отворено уво, зашто наесен, значи среде полското претседателство со ЕУ, во Полска се одржуваат парламентарни избори. Веќе сега противниците на премиерот Доналд Туск се мобилизирани и немаат обѕир кон никого и ништо. Опозицијата дури на владата и‘ предвидува меѓународна бламажа.

Владата се обидува да ги зачува нервите и да ги убеди граѓаните. „Ако ова претседателство со ЕУ не го искористиме позитивно, тоа наредните генерации нема да ни‘ го простат“, вели Туск.

Претседателство во тешки времиња за ЕУ

Обичниот граѓанин, пак, ги набљудува случувањата од пристојна дистанца. И покрај демонстрациите против растечките цени и високата невработеност, владее општо задоволство од развојот на земјата. Во истражувањата на јавното мислење, голем број Полјаци гледаат со гордост на претстојната раководна улога на Полска во ЕУ и сметаат дека тоа е шанса за земјата.

Полјаците на раководењето со ЕУ гледаат со гордост
Полјаците на раководењето со ЕУ гледаат со гордостФотографија: DW

Во Брисел напрегнато се очекува почетокот на претседавањето на Полска со ЕУ, зашто земјата ја презема раководната палка и одговорноста за преговорите меѓу земјите на ЕУ во немирни времиња. Кризата на еврото, судирот околу граничните контроли во рамки на Шенген зоната, како и безредијата во јужното соседство, се‘ до воената интервенција во Либија, на одделни места во текот на изминатите месеци предизвикаа растечка скепса кон Европа, како и несогласувања и беспомошност во земјите на ЕУ.

Автор: Розлаија Романиец / афп / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска