1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Алтхаузер: Оставки и независна судска разврска

Б.Георгиевски/телма/макфакс27 април 2015

Германската амбасадорка во Македонија, Кристине Алтхаузер испрати порака до македонските власти дека се очекуваат оставки и независна судска истрага по објавените прислушувани материјали од страна на опозицијата

https://p.dw.com/p/1FFqf
Фотографија: Petr Stojanovski

Германската амбасадорка во Македонија, Кристине Алтхаузер очекува решавање на политичката криза во земјата преку оставки и независна истрага. Говорејќи на трибина на Правниот факултет во Скопје, Алтхаузер упати жестоки критики кон владата не само поради начинот на кој се справува со политичката криза, туку и поради редица проблеми во државата како што се партизацијата на институциите, притисоците врз медиумите, диригираното судство...
„Според западните политички стандарди политичките последици од обемот и природата на обвинувањата е неизбежна. Да бидам јасна, како мојот американски колега минатата недела, последиците на пример значат оставки како предуслов да се дојде до почеток на неопходен транспарентен и независен истражен процес“, рече Алтхаузер.
Американскиот амбасадор Џес Бејли во интервју за телевизија Телма изрази загриженост поради текот на кризата во Македонија. „Кризава има два загрижувачки аспекти: обелоденувањата и како тоа се дошло до разговорите и на што укажува нивната содржина, на некои загрижувачки состојби на македонските институции. Како што рековме минатата недела, мислиме дека е важно да се прегледаат двете страни на тој проблем“, рече Бејли.
Амбасадорката Алтхаузер денеска дополнува дека таа и другите западни амбасадори во Македонија се иритирани поради тоа што владата не презема ништо и не ги третира сериозно тешките обвинувања, кои во голема мерка се преклопуваат и со забелешките содржани во Извештаите на Европската комисија последниве години.
„Превработеноста во државните институции често преполнети со лојални партиски следбеници наместо со компетентни адинистратори, нееднаквиот третман на индивидуите пред институциите, судовите, што е од фундаментално значење за демократијата, како и политичките притисоци врз медиумите, особено врз јавниот сервис, не само што доведоа до тековната криза, туку уште повеќе. Направија секој македонски граѓанин, даночен обврзник да биде жртва на клиентелистичко и партиско однесување на државните институции“, истакна германската амбасадорка.
Од македонската влада засега нема реакција на забелешките кои ги изнесе германската амбасадорка Кристине Алтхаузер.