1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Алкохол, спорт, лекови - што е дозволено по бустер дозата?

Дојче веле
31 декември 2021

Во пресрет на Нова Година, многумина се одлучуваат да ја примат третата вакцина, за која се вели дека штити од Омикрон. На што треба да се внимава по имунизацијата? Дали може да се спортува и да се пие алкохол?

https://p.dw.com/p/44aog
Deutschland Corona-Pandemie | Menschenansammlung vor dem Impfzentrum der Stadt München
Фотографија: Frank Hoermann/SVEN SIMON/imago images

Во информативната брошура на германскиот Институт Роберт Кох се наведува дека луѓето не треба да бидат премногу внимателни по вакцинацијата, но сепак е добро да се избегнуваат напорни вежби. „Во првите денови по вакцинацијата треба да се избегнуваат преголеми физички активности и спортски активности. Во случај на болка или треска, може да се земаат лекови против болки и оние кои ја намалуваат температурата“, се вели во упатството. Во брошурата не се прави разлика меѓу прва, втора и бустер дози

Лекарите од Берлин препорачуваат да не се вежба три дена по вакцинацијата и да не се изложува телото на напорни вежби десет дена потоа. Сепак, од медицинска гледна точка, нема причина да се наметнуваат строги ограничувања на спортските активности, освен ако не се појави треска, како и во случај на евентуално воспаление на срцевиот мускул. 

Некои истражувачи сугерираат дека малото зголемување на случаите на миокардит по имунизацијата против Ковид-19 кај помладите мажи може да се должи на спортски активности веднаш по вакцинацијата. Сепак, миокардитисот е многу ретка последица на вакцината и главно ги погодува мажите помлади од 25 години. 

Алкохол и цигари - можеби, но во умерени количини 

Во принцип, алкохолот не влијае значително на имунолошкиот систем, вели вирологот Сандра Чизек. Сепак, таа препорачува да не се пие премногу, бидејќи „големите количества алкохол се отров за телото. А, кога е зафатен со зајакнување на имунолошкиот систем по вакцинацијата, не треба да го оптоваруваме со отровни супстанци". 

Германскиот Центар за здравствена едукација, пак, известува дека прекумерното консумирање алкохол може да го намали имунолошкиот одговор во случај на инфекција, а по вакцинацијата може да влијае на ефектот на вакцината. Оттука, тие препорачуваат воздржување од големи количини на алкохол во деновите пред и по засилената доза, особено ако тоа доведува до треска. Сепак, една чаша пиво или вино е сосема во ред. Во однос на цигарите – препораката е да не се претерува, за да не се оптоварува организмот со токсични материи. 

Како стојат работите со лекарствата 

Бидејќи вакцините против коронавирус беа брзо одобрени, досега има релативно малку студии за ефектот од земање лекови против болки по вакцинацијата. Институтот Роберт Кох, исто така, не може да направи дефинитивна проценка дали парацетамолот или ибупрофенот влијаат на вакцината. 

Лекарите од Берлин тврдат дека може да се земаат лекови против болки, но не порано од шест часа по вакцинацијата. СЗО, исто така, препорачува да не се земаат лекови веднаш по имунизацијата. 

Пред се, важно е да се знае дека во никој случај не треба превентивно да се земаат лекови - т.е. пред имунизација. Ова може да го наруши ефектот на вакцината со потиснување на имунолошкиот одговор - клучен за нејзината заштитна функција. Сепак, само неколку часа по имунизацијата, таа веќе е доволно проширена.