1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ицев: Успехот во сопствената земја може да биде посладок

Теодора Лазарова
27 декември 2021

Александар Ицев е успешен иселеник кој долги години живее во САД и работи како директор за инженерство во Гугл. За ДВ вели дека големата шанса за развој на Македонија се софтверот и сончевата енергија.

https://p.dw.com/p/44lNl

„Мојата порака до младите луѓе е дека единствениот пат до успехот во животот не е само надвор од татковината, туку може да се успее и во Македонија и дури понекогаш успехот во сопствената земја може да биде и посладок во животот“, вели во разговорот за Дојче Веле Александар Ицев, актуелен директор за инженерство во Гугл, кој во оваа компанија е од самите нејзини почетоци. 

По завршување на Електротехничкиот факултет во Скопје, Ицев заминува на постдипломски студии на Политехничкиот Институт Ворчестер во Масачусетс, САД.

,,Сега може да извезувате софтвер со само еден клик и тоа може да биде огромна иднина на Македонија затоа што кога ќе размислите Македонија е една преубава земја, но за жал опкружена со не толку пријателски расположени соседи, зависна е од транспорт со соседните земји, пристаништа итн, меѓутоа софтверот и производството на софтвер ги руши сите тие бариери“.

Втората можност за развој на македонската економија, Ицев ја гледа во инвестирање и искористување на сончевата енергија во земјата:

,,Потенцијалот за искористување на сончевата енергија во Македонија е огромен. Во момент кога има енергетски кризи насекаде низ светот, мислам дека Македонија може да биде енергетски независна земја со разумни политики и добри инвестициии на тој план.Таа може да извезува енергија и тоа да ја направи македонската економија многу поконкурентна.  Меѓутоа морам да напоменам дека фундаментите на успешноста на Македонија би требало да се засноваат на почитување на правото, елиминирање на корупцијата, на развојот на пазарното стопанство и демократијата, тие елементи кога се разнишуваат тогаш економскиот развој на долг рок е нестабилен“.