1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Албанско знаме - македонски симбол?

18 јули 2011

На дневен ред во македонскиот парламент се новите правила за паралелно истакнување на македонското и албанското знаме. Дали се проблематизира Рамковниот договор, или се затвораат се` уште отворените мултиетнички прашања?

https://p.dw.com/p/11xvc
Фотографија: Mimoza Dhima

Пред да се промовира новата влада, лидерскиот тандем Груевски-Ахмети, преку иницијативи на новоизбраните парламентарци, забрзано ги затвора етничките прашања. Усвоени се измените за поширока примена на албанскиот јазик во парламентот - министрите, како владини преставници, на пленарните седници ќе можат да одговараат на својот мајчин јазик. Следуваат решенијата за истовремено истакнување на македонското со знамето на Албанците во Македонија, во сите општини каде таа етничка група сочинува најмалку 50 насто од вкупното население.

Според Изет Зекири, универзитетски професор, тие измени се редуцирање на веќе усвоената практика албанското знаме да се вее во локалните средини каде Албанци се најмалку 20 насто.

„Се дозволува истакнување на албанското знаме во 16 општини, каде албанците се над 50 насто, но затоа ќе биде забрането во други 14 локални средини, каде досега се истакнуваше. На пример во Јегуновце Албанци се над 43 насто, во Петровец над 30, во Крушево над 20 насто, во Бутел досега се вешее албанското знаме“.

Изет Зекири е претеник од партијата на гостиварскиот градоначалник Руфи Османи, кој во 1997 година издржуваше затворска казна, поради истакнувањео на албанското знаме пред општинската зграда. Владата на СДСМ во тоа време се реши за полициска интервенција која ги разгневи, пред се`, младите албанци, а имаше и жртви.

Иницијална каписла за конфликти

Mazedonisches Parlament
Државните симболи - вечна тема во македонското собраниеФотографија: Petr Stojanovski

Прашањата на дражавните симболи се проблематизираа во текот на дведецениската самостојност и секогаш беа инцијална каписла за конфликти. При усвојувањето на химната, пратениците-Албанци инсистираа на текст кој би го симболизирал мултиетничкиот карактер од времето на Крушевската република. Во годините потоа, во таканречените албански средини, се истакнуваше само двоглавиот орел на црвена основа, што е симбол на Албанците во регионот, се присетува Тито Петковски, еден од пратениците со континуиран пратенички стаж.

„Албанците во континуитет бараат да направат државни симболи, како во химаната, за албански херои, кои ќе го изразуваат мултиетничкиот карактер на Македонија и кога тоа не го добија, покажуваа незадоволство или нереспектирање на државните симболи, пред се` знамето. Притисокот не доаѓаше само од партиите, туку пред се нивната културна и интелектуална јавност.“

Досегашните законски решенија за користење на алабанското знаме беа прогласувани за противуставни, а последнаат одлука на Уставниот суд ја предизвика и оставката на двајца уставобранители, што го доведоа во криза неговиот легитимитет.

„И сега овие решенија за истакнување на албанското знаме може да бидат противуставни“, коментира професор Зекири.

Решенијата од Рамковниот договор не се фиксни?

Mazedonien Land und Leute Flagge
Фотографија: Petr Stojanovski

Најновите услови за паралелно и обврзително истакнување на државното со симболите на етничките групи спаѓаат во ингеренции на општините. Паралелно ќе се истакнуваат двете знамиња, вклучувајки ги, на пример, граничните премини или дел од караулите. За архитектот, професор Мирослав Грчев, во реализацијата на најновите решенија за државните симболи ќе се проблематизираат и високите јарболи со големи македонски знамиња.

Тие се поставени на клучни коти низ цела држава, вклучувајќи ги и граничните премини кои се на територијата на општините каде албанците се над 50 насто - Тетово и Струга. Тоа претпоставува дека отсега на нив ќе треба да се прикачи и симболот на албанците, вели за ДВ професор Мирослав Грчев, автор на идејното решение на актуелното македонско црвено-жолто осмокрако знаме.

„Јарболите се толку големи, што претставуваат акт на насилство врз урабнизамот и естетиката“, истакнува Грчев

Пред да стапи на должност, новата влада на Груевски, преку парламентарно толкување, ќе се обиде да ги затвори и четирите таканаречени хашки досиеја за екс-припадниците на ОНА и со тоа да се ослободи од баластот на етничките тензии и политичка недовреба кон Рамковниот договор. На неговата десетгодишнина, парламентарците на СДСМ го бранат како непроменлива величина, додека албанскиот блок го релативизира, со ставот дека неговите решенија не се фиксни и промените ги диктира животот.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Трајче Тосев