1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Акција на векот на тајните служби

Кристофер Неринг
13 февруари 2020

Во 2013 година Едвард Сноуден ги откри димензиите на глобалното следење на комуникациите. Но, многу пред тоа германската тајна служба БНД и американската ЦИА започнаа неверојатна акција на прислушување.

https://p.dw.com/p/3XjJv
Symbolbild | Geheimdienst
Фотографија: imago/bonn-sequenz

Во 1970 година претставници на германската служба БНД и на американската ЦИА во Минхен потпишаа строго доверлив договор со кој станаа партнери во една операција која ЦИА подоцна ќе ја опише како „акција на столетието на тајните служби". БНД ја водела операцијата под име „Рубикон", ЦИА пак го користела името „Минерва". Целата приказна зад дрската операција ја открија вториот канал на германска телевизија ЗДФ, весникот „Вашингтон пост“ и швајцарската државна телевизија во февруари 2020.

Предмет на германско-американското партнерство била швајцарската компанија Крипто АГ, еден од лидерите на пазарот за крипто-технологија. Фирмата е основана од Борис Хагелајн, кој од 30-те години на минатиот век се занимавал со уметноста на кодирањето. Држави од цел свет биле клиенти на компанијата со седиште во алпското гратче Цуг, купувале машини за шифрирање и со нив ги опремувале своите амбасади, институции и владини канцеларии. До 200 лица биле вклучени во производството и продажбата на машините во 120 земји во светот. Сите тие требало да бидат измамени.

Повеќе: Откриена „шпионажа на векот“

Како на филм: примопредавање кеш во гаража

Дури ни вработените не знаеле дека фирмата им припаѓа на две тајни служби. Преку контакти на БНД со Сименс и адвокатска канцеларија во Лихтенштајн се откриени вистинските сопственици на Крипто АГ. Добивката си ја делеле БНД и ЦИА, а таа само во 1975 година изнесувала 51 милиони швајцарски франци. Делот на ЦИА наводно соработници на БНД го предавале во кеш на тајни средби во гаражи.

Меѓу клиентите на Крипто АГ се вбројувале и Иран, Саудиска Арабија и јужноамерикански и африкански држави. Само Советскиот сојуз и Кина никогаш ништо не купиле од компанијата. Од 1970 година експерти на БНД и ЦИА тајно учествувале во развојот на механизмите за кодирање на машините произведувани од Крипто АГ и на тој начин придонесувале нивните агенти подоцна да може да ги декодираат комуникациите.

Schweiz Logo Crypto AG in Steinhausen
Фотографија: Reuters/A. Wiegmann

На пример, во 1989 година, кога САД влегоа во Панама благодарение на „Минерва”, тие знаеле дека бараниот диктатор Мануел Нориега се наоѓа во ватиканската амбасада во Панама. И Ватикан се потпирал на машините на Крипто АГ. Кога американскиот претседател Роналд Реган во 1986 година, само еден ден по експлозијата на бомба во клуб во Западен Берлин со три жртви, изјави дека САД имаат неоспорни докази дека либискиот режим на Гадафи стои зад нападот, информациите ги има благодарение на прислушуваните комуникации од либиската амбасада во Источен Берлин. Меѓу другото и затоа поранешниот координатор на тајните служби во седиштето на канцеларот, Бернд Шмидбауер, вели дека „Рубикон” придонел светот да стане побезбедно место.

Повеќе: Поранешните шпиони не водат „гламурозен живот“

Постојано во тек

Но, како што обично бива во светот на тајните служби, тоа е само една страна на медалот. БНД и ЦИА слушале и како во јужноамериканските диктатури се малтретирало и убивало, како се планирале пучеви и се правеле масакри. Дали таквите информации кога било стасувале до германската влада и до Белата куќа е нејасно. Во 1981, кога Велика Британија во Фолкландската војна се борела против Аргентина, БНД и ЦИА на Британците им ја дала комуникацијата на Аргентинците. И ЕУ и НАТО-членките Италија, Шпанија и Ирска биле прислушувани во операцијата „Рубикон”.

Шпионажата меѓу пријатели БНД постојано ја напаѓала пред американските партнери. Но, дури во 1993 година БНД под притисок на германската влада ја прекинува операцијата. Една година пред тоа Ханс Билер, кој во Иран продавал машини на Крипто АГ, бил уапсен во исламската република заради шионажа. Билер не знаел ништо, но недоверливите Иранци речиси една година под незаконски услови го држеле притворен. Тоа било премногу за Германија, па БНД ги продала своите 50% од Крипто АГ на ЦИА. Таа пак дури пролетта 2018 ја затвора компанијата. Таа во тоа време веќе не беше лидер на пазарот, а ЦИА беше влезена во бизнис со дигитални понудувачи на комуникации.