1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ако не се ограничиме самите, ќе не‘ ограничи катастрофата

22 ноември 2021

Доколку не ги преиспитаме критички своите конзумирачки особини, ние никогаш нема да сознаеме дека од однесувањето на секој човек зависи опстанокот на планетата. Пишува Кица Колбе

https://p.dw.com/p/43Ju6
Кица Колбе, авторка на колумната
Кица Колбе, авторка на колумнатаФотографија: Privat

Прочуената научна асоцијација  Club of Rome, кoja  беше основана 1968-та во Рим, половина век предупредува дека границите на техничкиот прогрес се одамна достигнати. Човештвото требаше одамна да почне да планира поинакво, мудро и економично трошење на природните ресурси. Секако, доколку луѓето се раководеа само од разумот, но не и од потсвесната моќ на потребите. А нашите потреби, тоа што го сметаме за нешто многу лично, често се диктирани од конзумирачката идеологија. Кога се појави првиот извештај на оваа научна асоцијација 1972-та, под наслов „Границите на прогресот”, јас бев студентка  по филозофија во Скопје. Темата на технолошкиот прогрес тогаш ја доживувавме како „антиутопија”. Седумдесеттите години во Македонија беа далеку од експлозијата на технолошкиот прогрес за која зборуваа научниците од Club of Rome. Најголемиот дел од луѓето што ги познавав уште живееја скромно. 

Интересно, еден од денешните членови на Club of Rome, Греам Мекстон, рече неодамна во интервју  дека доколку сакаме да ја спасиме планетата од катастрофата која се заканува  да се одигра веќе 2050-тата, тогаш ние треба самите  да се ограничиме. Со тоа што радикално ќе го промениме начинот на живот. Ако не се ограничиме свесно и доброволно, тогаш ќе се ограничиме под присила на катастрофата. Јасно е дека ова барање е упатено кон граѓаните на богатите  општества. Тешко е да се замисли како би можеле самите да се ограничиме во потребите. Впрочем, луѓето во развиените индустриски земји многу работат затоа што сакаат да ги остварат сите свои потреби. А ограничувањето не е возможно без откажување од многу фетиши на модерниот животен стандард. Може ли ограничувањето да не‘ направи среќни онака, како што ни ветува секоја реклама за најновиот моден производ? Конзумот, впрочем,  секогаш сугерира среќа. Во таа замка сите лесно паѓаме. 

Шопингот е неизоставен дел од модерниот животен стандард. Можеме ли сами свесно да го ограничиме?
Шопингот е неизоставен дел од модерниот животен стандард. Можеме ли сами свесно да го ограничиме?Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Haas

Повеќе од авторката:Ослободувањето на Скопје од „Скопје 2014“ - или сонот во зимската ноќ

Дилемата е, значи,  онаа Фромовската: да се има или да се биде? Треба да се прашаме, дали не би биле посреќни со помалку, доколку тоа го чиниме за да ја спасиме иднината на нашите деца и внуци, на идните поколенија? Греам Мекстон вели дека луѓето треба да се  сетат каков беше нивниот стандард во седумдесеттите, а уште подобро, во шеесеттите. На тој животен став треба да се вратат. Тогаш, во шеесеттите само малкумина имаа автомобил, истакнува тој. Во југословенските шеесетти само ретките можеа да си дозволат автомобил поголем од „Фиќо“. Не секој можеше да отпатува секоја година на одмор, а тоа не беше поврзано со  лет  од неколку часа. Светот тогаш  уште беше голем и незамислив. Уште имаше тајна, уште поттикнуваше да се сонува за непознатото. Тој  уште не беше станал „големо глобално село“. Освен тоа, луѓето во шеесеттите и седумдесеттите  уште не беа  предадени на конзумот, иако сите одевме на шопинг во Трст и Солун. Но тогаш почнавме да  произведуваме купишта од пластична амбалажа,  со која денес се преполни океаните. 

Повеќе од авторката:Зошто историјата за Македонците „стои во место“ или се повторува

Можеби сепак  треба да се вратиме малку подалеку во минатото, на почетокот на шеесеттите? Тогаш шеќер и брашно се купуваа  „на мерење“ и се пакуваа во хартиени ќеси. Луѓето не ги фрлаа лесно старите работи, ниту пак облеката, затоа што уште беа навикнати да ги приспособуваат за друга цел. Чевлите се носеа одвреме-навреме на чевлар, а од облеката на возрасните мајките самите шиеја облека за децата. Една тетка на мажот ми по војната за своите сестри шиела нови фустани од стари  кадифени завеси. „Ништо не се фрла, особено кога штофот е од  природен материјал“, велеше таа. Денес се еколошки тие модни конфекции, кои ги рециклираат материјалите за облеката. За жал, таа и рециклирана е уште од полиестер, а тој како да не старее, туку само станува погрд.

Интернетот го помага нашиот несвесен конзумирачки однос.
Интернетот го помага нашиот несвесен конзумирачки однос.Фотографија: Imago/Panthermedia

Животот не станува поавтентичен  со такви производи. Затоа што модата и понудата се униформирани. Сите  ја носат облеката  од истите  модни куќи. Сите  живеат со мебелот од „ИКЕА“. Во шеесеттите, пак, во Скопје уште имаше столари. А денес децата не го познаваат зборот столар. Можеме ли  денес свесно и доброволно да се вратиме на животниот стандард од шеесеттите, без да се превоспитаме себеси и нашите навики, но и тие на нашите деца, на кои ние сме ги научиле?  Токму таквото барање  и на најразумните меѓу нас им се чини како утопија.

Повеќе од авторката:Мудроста на животот на која нѐ учат старите предмети

Или, можеби, со ограничување се мисли на нешто друго? Имено, на обидот нештата да ги чиниме свесно и слободно? Да купуваме затоа што нешто навистина ни треба, а не затоа што на тоа не поттикнала рекламата. Доколку не ги преиспитаме критички своите конзумирачки особини, ние никогаш нема да сфатиме зошто воопшто треба да менуваме нешто во начинот на живот. Уште помалку ќе сознаеме дека од однесувањето на секој човек зависи опстанокот на планетата. Нашиот несвесен конзумирачки однос го помага  интернетот. За да купиме многу работи денес не ни треба да шетаме цел ден од продавница во продавница. Затоа треба да се обидеме да се потсетиме на радоста кога по цело попладне поминато во чаршијата сме го нашле конечно вистинскиот штоф за новиот летен фустан. Треба да сознаеме дека не не‘ прави среќни мноштвото облека, туку особеното чувство што го поврзуваме со барем едно парче од неа. Треба да се обидеме да станеме скромни, сознавајќи дека имаме доволно облека, дури и премногу за да може да ја износиме во еден човечки живот. А имаме само една планета на која треба да го поминат животот уште многу идни генерации.

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.