1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

Ако не сакаш фудбал, може да завршиш и во затвор

Јури Решето
14 јуни 2018

Најголемата навивачка зона во Русија беше отворена во текот на изминатиот викенд пред московскиот универзитет Ломоносов. Илјадници студенти протестираа против тоа. Еден од нив се осмели на особено голем ризик.

https://p.dw.com/p/2zRVF
Russland Moskau - WM 2018
Навивачката зона во близина на универзитетот ЛомоносовФотографија: picture-alliance/dpa/TASS/V. Gerdo

„Не за навивачка зона“ - оваа речиси безопасна реченица скапо го чинела Дмитриј Петелин. Младиот студент по филологија на московскиот универзитет Ломоносов ја напишал на еден од плакатите кои се закачени насекаде во универзитетскиот камп и кои ги канат посетителите од цел свет во најголемата навивачка зона во Русија.

Не минало долго време и плакатот бил тргнат од страна на организаторите и заменет со нов, „чист“ плакат. Дмитриј Петелин прво имал работа со полицијата, а потоа и со обвинителството. Обвинет е за вандализам. За тоа во Русија се добива висока парична казна, многу часови бесплатна работа или - во најлош случај - до три месеци затвор.

„Ако си баксуз, можеш да завршиш в затвор“

„Погледнете десно“ - Петелин покажува на главната зграда на својот елитен универзитет, која е заштитена со законот за заштита на културни споменици. „Овде учат и живеат студенти. Овде се предавалните и студентските домови во кои студентите мора да се подготвуваат за летната испитна сесија. И сега погледнете лево - овде би требало да врескаат 25.000 фудбалски фанови.“

Помеѓу има само 300 метри. Премалку за Петелин и неговите 15.000 истомисленици, студенти и доценти, кои почнаа онлајн-петиција за да протестираат против навивачката зона. Со недели на универзитетското раководство му укажувале на можноста од уништување на историските архитектонски елементи на светски познатиот универзитет, како и на стравувањата од уништување на дрвјата и растенијата во паркот кој е во близина - зелена оаза со уникатна флора и фауна среде Москва. Но, нивните обиди биле попусти. Тогаш, Дмитриј Петелин се фатил за боја и сиот свој бес го испишал во три збора на еден од плакатите.

Веќе наредниот ден пред неговата врата чекале полицајци, морал да го предаде својот мобилен телефон и да замине во полициска станица. „Ме третираа уредно, без физичко насилство, но вршеа психолошки притисок. Ако имаш среќа, ми рекоа, ќе леташ од универзитетот, а ако си баксуз, ќе завршиш в затвор“, раскажува Петелин за ДВ.

Russland Fußball-WM Dmitrij Petelin
Дмитриј Петелин бил приведен поради испишан плакатФотографија: DW

Случајот доби политички димензии

Студентот по сослушувањето можел да се врати дома, но истрагата не била завршена. Реакцијата на властите на оштетувањето на еден очигледно не многу скап плакат била остра. Толку остра, што локалниот и меѓународниот печат се зафатил со случајот и целата работа добила политички димензии.

На прашањата на ДВ за студентските протести, универзитетот Ломоносов одговори писмено: „Универзитетското раководство презеде мерки за да ги минимизира непријатностите поради престојот на навивачите во блиската фан-зона“. Притоа се мисли на оддалеченоста од околу 300 метри до главната зграда. Првично било планирано навивачката зона да биде уште поблиску. Кога случајот на студентот се расчул и надвор од границите на Русија, на властите им „светнало“ дека веројатно претерале.

Ректорот се заложил за Петелин

Ректорот на универзитетот Ломоносов, Виктор Садовничиј, се заложил за студентот Петелин кај заменикот министер за внатрешни работи Александер Горовој, и побарал да не го казнува „злосторникот“: „Со оглед на фактот што ова дело е извршено од бруцош, кој инаку е добар студент, Ве молам да размислите за можноста за непреземање правни чекори против него“, пишува ректорот на бирократски руски јазик. Покрај тоа, тој го уверува „ценетиот наслов“ дека самиот универзитет ќе спроведе „просветителски и воспитни мерки од профилактички тип“ кон студентот.

Russland Fußball Dmitrij Petelin
Петелин е побогат за едно искуство со руската државаФотографија: DW

Конечно, стигнала веста дека обвинителството го повлекува обвинението. Петелин помина само со претрпен страв. „И, сега што?“, ги праша ДВ истомислениците на Петелин од „иницијативната група“ на незадоволни. „Сега сѐ зависи од навивачите и нивното однесување“, гласеше одговорот.