1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Австралија привремено ги прекина воздушните напади во Сирија

СН/ агенции
20 јуни 2017

Заканата на Русија дека над Сирија ќе соборува авиони на воената коалиција, предводена од САД, покажува дејство. Австралија привремено се откажа од воениот ангажман во завојуваната земја.

https://p.dw.com/p/2f0tg
Australien International Airshow
Фотографија: picture alliance/dpa/AA/A. B. Ratnayake

Австралија ги суспендираше воздушните напади против терористичката организација Исламска држава (ИД) како знак на претпазливост откако американските сили соборија авион на сириската војска.

Министерството за одбрана на Австралија соопшти дека воздушните напади се привремено прекинати поради „низа потенцијални закани“.  Австралија има распоредено 6 воени авиони во база во Обединетите Арапски Емирати чија цел е ИД во Сирија и во Ирак.

Одлуката за суспендирање на воздушните напади следеше по предупредувањето на Русија дека сите авиони на меѓународната коалиција, која ја предводат САД, а кои летаат западно од Еуфрат „ќе бидат набљудувани“ и „сметани за цели“ на руската противвоздушна одбрана во Сирија. Сириските официјални лица го осудија американскиот „бесрамен напад“ за кој рекоа дека ќе има „опасни последици“. Австралија е дел од анти-ИД коалицијата на западни и арапски земји, предводена од САД.  Покрај тоа руското министерство за одбрана го суспендираше безбедносниот договор, чија цел е избегнување на можни колизии во воздушниот простор на Сирија. 

USA Syrien F/A-18E Super Hornet in Aktion
Фотографија: Getty Images/U.S. Navy/Christopher Gaines

Американското министерство за одбрана пак сигнализираше дека има намера да се потруди за брза деескалација. Каналот на комуникација со руската војска функционираше многу добро во изминатите осум месеци, изјави пак началникот на генералштабот на здружените воени сили на САД, Џо Данфорд. Затоа, истакна тој, во наредните часови на дипломатско и на воено ниво ќе се работи на тоа овој канал повторно да биде отворен. Русија во сириската граѓанска војна е главен сојузник на претседателот на државата Башар-ал Асад. Вториот сојузник, Иран пак во неделата вечерта истрела серија проектили кон позициите на џихадистите во областа Палмира во Сирија.