1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Авионска несреќа во Кина – неизвесна судбината на 132 луѓе

ЖА /РТР
21 март 2022

Авион со 132 лица се урнал во планините во јужниот дел од земјата, неизвесно е дали некој од патниците ја преживеал несреќата.

https://p.dw.com/p/48msE
Boeing 737 von China Eastern Airlines
Фотографија: Markus Mainka/CHROMORANGE/imago images

Авионот на авионската компанија „Чајна Истерн Ерлајнс" летал од Куминг кон Гуанчжоу, но при прелет над градот Вучоу со него бил загубен секаков контакт. Според наводите на државната телевизија ККТВ, уште е неизвесно колку патници го загубиле животот, најголем дел од спасувачките екипи се на пат до местото на несреќата.

Станува збор за авион од типот Боинг 737-800 стар шест години, кој бил во воздух околу еден час, кога за кратко време почнал масивно да губи на височина пред падот. Не е позната причината за несреќата. Претставник на спасувачките екипи изјавил дека авионот е целосно уништен, а пожарот кој избил на местото на падот во меѓувреме бил изгаснат.

Авионската компанија го потврди падот на авионот и организира итна телефонска линија за информирање на роднините на патниците. Државната авиокомпанија „Чајна Истерн Ерлајнс", според информативната агенција за податоци од областа на воздушниот сообраќај ОАГ, е водечка фирма во Кина и го зазема шестото место во светско рангирање во браншата. Кина е позната по своите високи стандарди во воздушниот сообраќај. Последно во 2010 година се урна регионален авион при што загинаа 44 од 96 лица. И Боинг 737-800 спаѓа во авионите кои се сметаат за безбедни, тој е претходник на контроверзниот модел 737 Макс 8,  кој по два пада на авиони во Индонезија и  Етиопија  со години беше повлечен од сообраќај.