1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Авионска линија од 27 март, ќе се отвори и преминот Клепало

ДТЗ
11 февруари 2022

Северна Македонија и Бугарија најавуваат значајни проекти со кои ќе се олесни патувањето меѓу двете земји.

https://p.dw.com/p/46tBf
Sofia Gemeinsame Sitzung Premierminister Dimitar Kovacevski und Kiril Petkov
Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Редовната авионска линија Скопје - Софија ќе профукционира од 27 март, а до крајот на годината се очекува да биде ставен во функција и граничниот премин Клепало. Вакви ветувања беа дадени на прес-конференцијата на министрите за транспорт и врски на Северна Македонија и Бугарија - Благој Бочварски и Николај Сабев во Скопје. Откако изутрината тие за 35 минути, со лет на „Гуливер“ дојдоа од Софија во Скопје, со што го означија официјалното воздушно поврзување меѓу двете земји, оценија дека е направен важен чекор со кој се отвора вратата за патувања, туризам и размена. 

„Новата авиолинија ќе започне да сообраќа од Скопје кон Софија на 27 март. Тоа што изгледаше долги години како невозможно, денеска докажавме дека е возможно“, рече Бочварски. 

Бугарскиот министер Сабев најави решавање на долгогодишниот проблем со граничниот премин Клепало. „Патот до граничниот премин Kлепало е долг само 13 километри. Ако ги добиеме поскоро еколошките дозволи, ќе биде завршен до крајот на годинава“, рече Сабев. Планот е на овој премин да има една, заедничка гранична контрола што ќе го олесни, забрза и поедностави движењето на граѓаните. Од македонска страна патот до Клепало е веќе направен.  

Бугарија ќе направи напори и за железничко поврзување преку тунелот Деве Баир, односно што поскоро да се пробие тунелот под преминот и да се овозможи железничкото поврзување меѓу двете земји. 

Спуштени камери и извинување- 

На прес- конференцијата, во знак на револт, медиумите ги спуштија камерите на земја пред министерот Бочварски, како реакција на третманот од службите за обезбедување. Новинарските екипи се пожалија дека биле попречени да известуваат од слетувањето на авионот од Софија на скопскиот аеродром, иако уредно биле поканети и акредитирани за следење на настанот. Додека се одвивала промоцијата на авионската линија Скопје – Софија претставници на домашните медиуми биле дистанцирани на стотици метри од настанот без можност да земат изјава, ниту пак, да документираат кадри од случувањата. 

За случајот реагираа и ЗНМ и ССНМ, кои порачаа дека организаторите на настанот треба да обезбедат соодветни услови за работа. 

Министерот Бочварски им се извини на новинарите. „За каков било ненамерен пропуст што се случил при денешната посета и средба меѓу нас и бугарските колеги би сакал да се извинам“, рече тој. Бочварски додаде дека ќе има уште многу настани  кои ќе бидат прилика владите и институциите да ги поправат сторените пропусти.