Секоја седма иновација во Германија е на доселениците
29 ноември 2025
Институтот за германска економија (IW) од Келн се зафати да ја истражи предрасудата: странците кои доаѓаат да работат во Германија треба допрва да ја сфатат технологијата и техничките решенија што овде се развиени, се разбира – од домашни инженери и стручњаци.
Меѓутоа, вистината е поинаква: со забрзано темпо расте бројот на патенти пријавени во Германија чии автори очигледно се лица со странско потекло. Во 2000 година тие сочинувале 4,9% од пријавените иновации, а сега тој број пораснал на 14% – што значи дека практично за секоја седма иновација во Германија се заслужни лица со странско потекло.
Се разбира, во формуларот за пријава на патент не се бара земјата на потекло на авторот или авторката, па затоа во IW уште на почетокот на векот развиле метод со кој имињата на потписниците се распределуваат во едно од 24 јазични подрачја во светот. На тој начин, во Институтот веруваат дека „со голема веројатност може да се утврди регионот на потекло на конкретната личност“.
Германија ја спасува Источна и Југоисточна Европа
Се забележува дека за значителен број од тие иновации – дури околу 3% – се заслужни лица со имиња кои укажуваат дека потекнуваат од некоја од државите на Источна или Југоисточна Европа. На второ место се лицата од Југозападна Европа и од подрачјето на Латинска Америка, а околу 2% од патентите се потпишани од лица со арапско или турско потекло – што е четири пати повеќе отколку во претходното истражување.
Брзо расте и бројот на автори на иновации со очигледно индиско потекло – сега тие сочинуваат 1,2%, додека во претходното истражување едвај ги имало.
Институтот за германска економија внимателно следи и кој всушност пријавува патент. Времето на пронаоѓачи кои сакале да патентираат некаква своја бизарна идеја, на пример да спојат чадор и пенкало, одамна е поминато. Сè помалку има и индивидуални пронаоѓачи на кои „генијална“ идеја им паднала на памет во гаража.
Според последните достапни податоци, во 2022 година приватни лица поднеле само 2.160 пријави за патенти – што е едвај околу 5% од вкупните пријави. Во средината на деведесеттите години сè уште имало „специјални чадори од гаража“, а приватните пронаоѓачи сочинувале повеќе од една четвртина од сите патенти.
Двојно повеќе „странци“ отколку Германци
Но времињата се променија, и за да се дојде до нешто навистина ново сега е потребно сè повеќе време, средства и секаква поддршка. Затоа најголемиот дел од патентите ги пријавуваат компании, универзитети или други правни лица. Тие потоа остануваат сопственици на патентот, но – како и во секое истражување – името на раководителот на проектот се води како „пронаоѓач“. А, и тука сè почесто на чело се луѓе со странско потекло.
Во однос на вкупниот број вработени, уделот на пронаоѓачи меѓу доселениците е речиси двојно поголем отколку меѓу Германците. Во Институтот тоа го објаснуваат со фактот дека доселениците – а особено жените – многу полесно се одлучуваат за некакви „сериозни“ студии, било во својата матична земја или во Германија. Под „сериозни“ студии се подразбираат пред сè областите на математика, информатика, природни науки и технологија, и токму тука Германија и понатаму е една од водечките земји според бројот на пријавени патенти.
А, тоа е клучно – и за Германија и за другите индустриски земји – за нивната конкурентност на светскиот пазар, што значи дека оваа земја всушност сè повеќе зависи од доселување на високообразовани луѓе. Стручњаците од Келн се уверени: „Германија мора да се бори најпаметните да ги привлече токму во оваа земја, и токму поради тоа се потребни брзи и небирократски постапки за влез во земјата и за признавање на квалификациите“, објаснува истражувачката од IW, Александра Кеблер. Таа исто така нагласи дека отворената и инклузивна општествена клима е пресудна за привлекување на стручњаци и таленти од странство.