За кого гласаат мигрантите во Германија
24 јануари 2025Во тековната кратка кампања за сојузните избори во Германија на партиите им останува само уште еден месец да ги убедат гласачите во своите програми. Кај една група избирачи има уште многу простор за работа, а таа е сè само не мала: 7,1 милиони граѓани со право на глас имаат доселеничко минато, односно или тие самите или некој од нивните родители се имигранти. Тоа е значи случај со околу еден од осум гласачи во Германија.
Оваа група гласа поретко на сојузните избори отколку луѓе без миграциско потекло. И, тоа е група која веќе не е определена само за една одредена партија како некогаш, вели за ДВ социологот Фридерике Ремер:
„Партијата со најголем потенцијал во сите испитани групи е СПД. Околу 20 отсто од гласачите со мигрантско потекло можат да замислат да гласаат за АфД. Но, кога ги прашуваме луѓето со мигрантско потекло кои партии веруваат дека имаат способност да најдат решенија, тие почесто од луѓето без мигрантско потекло велат - ниту една.“
Ремер работи за Германскиот центар за истражување на интеграцијата и миграцијата ДеЗИМ и е коавторка на студија на институтот која ги испитува секојдневните грижи и партиските преференции на луѓето со мигрантско потекло. Друг тренд којшто е видлив: Сојузот Сара Вагенкнехт (БСВ) и Левицата во оваа група имаат поголема наклонетост, додека Зелените имаат полоши резултати.
Материјалните грижи се поголеми кај луѓето со доселеничко потекло
За гласачите со мигрантско потекло високо на агендата се и економијата и инфлацијата. „Кога станува збор за материјални грижи, проблеми поврзани со пензиите или домувањето, луѓето со миграциско потекло почесто велат дека се многу загрижени отколку луѓето без миграциско потекло“, вели Ремер.
Таа додава: „Исто така, гледаме дека луѓето со мигрантско потекло повеќе се грижат дали ќе станат жртви на криминал“. Овие стравови се поттикнати од делумно десноекстремната АфД, која води ксенофобна изборна кампања и поттикнува чувства против мигрантите, но во исто време сака да допре до нови избирачки групи. Кај некои луѓе со доселеничко потекло, ова може да биде доста успешно, забележува социологот:
„Таа е многу добра во обраќањето до одредени подгрупи со миграциско потекло и во будење интерес кај нив за својата политика. Таа на мигрантите кои долго време живеат во Германија, особено од регионот МЕНА (Блискиот Исток и Северна Африка, н.з.) или Турција, им вели: Вие не сте проблемот, новодојденците се проблемот. Тоа особено има привлечна сила на социјалните медиуми.“
Низок одзив на гласачите со турско потекло
Јунус Улусој, програмскиот директор во Центарот за турски студии и истражување за интеграција (ЗфТИ) во Есен, за ДВ ги набројува избирачите кај кои стратегијата на АфД би можела да биде успешна: луѓе со турско потекло со критички став кон исламот, со релативно висока стапка на асимилација или со повеќедецениска мигрантска историја кои новодојденците ги доживуваат како конкуренти.
„Но, сметам дека оваа група е повеќе маргинална. Затоа што кога ги слушам изјавите дадени од АфД во врска со миграцијата и исламот, не можам да замислам дека партијата во моментов би можела да добие значителна поддршка во турската заедница“.
Во минатото, натурализираните Турци често гласаа за СПД. Иако социјалдемократите сè уште се високо ценети од нивна страна, нивната лојалност кон партијата во последно време опаѓа. Наместо тоа, сè повеќе луѓе со турско потекло имаат тенденција да не гласаат воопшто. Улусој ги знае причините:
„Постои голема група на млади луѓе кои поради искуствата со дискриминација и исклученост, во секојдневниот живот имаат чувство дека не припаѓаат целосно во општеството. Тоа чувство води до повреда, а овие болки може да доведат до тоа младите луѓе да ѝ завртат грб на политиката и воопшто да не излегуваат на гласање.“
Јунус Улусој критикува дека политичарите премногу се фокусираат на наводните дефицити и проблеми со турската заедница наместо да зборуваат за позитивни случувања и да пренесат чувство на прифаќање.
Висок афинитет кон АфД на мигрантите со германско потекло
Друга голема група на луѓе со имиграциска историја премногу добро го познава ова чувство на неприпадност - тоа се мигрантите со германско потекло од поранешниот Советски Сојуз. Кога започна руската војна против Украина во февруари 2022 година, како аутсајдери се чувствуваа пред сѐ руските Германци, вели историчарот Јанис Панајотидис. Од тоа профитираше АфД, која рано почна да се обидува да допре до оваа група гласачи, објаснува историчарот за ДВ.
„АфД најагресивно се обидува да се претстави како партија на руските Германци.“ Тоа го прави со авторитарни ветувања, со политика на ред и закон и антиимиграциски став, што е доста важно за дел од оваа клиентела. „Бидејќи чувството на несигурност кај луѓето прави тие да се против имиграцијата, особено од исламските земји.“
Според студиите, темата за доселување е особено важна за мигрантите од поранешниот Советски Сојуз. Поради скепсата кон имиграциската политика на Ангела Меркел, почна да се намалува и поддршката за Унијата (ЦДУ и ЦСУ) кај оваа група, која традиционално натпропорционално гласаше за демохристијаните.
ЦДУ и ЦСУ повторно почнаа активно да ги врбуваат овие гласачи пред сојузните избори, особено во однос на прашањето за пензиите, што е важно за постарите припадници на оваа општествена група. Но, од најновите политички случувања, покрај АфД, профитира пред сѐ Сојузот Сара Вагенкнехт, вели Панајотидис од Истражувачкиот центар за историја на трансформации на Универзитетот во Виена.
„Во минатото, многу луѓе од постсоветската заедница гласаа и за Левицата. Голем дел од овие гласачи се завртеа кон Сојузот Сара Вагенкнехт. Доколку партијата продолжи да постои во иднина, има потенцијал да биде многу успешна не само меѓу постсоветските мигранти. Затоа што БСВ не се позиционира десноекстремно, што би можело да ги одврати гласачите мигранти“.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик