1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За десет години - универзитетите покуси за 7.000 студенти

ДТЗ
1 октомври 2024

На првиот академски час, Владата ветува конкретни проекти во образованието, во услови кога драматично опаѓа интересот кај студентите за школување во Северна Македонија.

https://p.dw.com/p/4lHRp
УКИМ
На УКИМ за десет години има речиси 5 илјади студенти помалку.Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Вие сте иднината на оваа држава. Секој од вас носи во себе потенцијал да направи промена, да креира нешто ново, нешто големо“ - им порача премиерот Христијан Мицкоски на првиот академски час на студентите на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој вети конкретни проекти кои ќе го унапредат образованието, нова опрема и реконструкција на лабораториите на дел од факултетите, што ќе им овозможи на студентите да стекнат практични вештини во склад со потребите на современата индустрија. Најави и дигитализација на универзитетската администрација со цел да се олеснат процесите на пријавување, запишување и оценување. Ова, според Мицкоски, ќе ја намали бирократијата и ќе им даде повеќе време на професорите и студентите да се фокусираат на она што е најважно – образованието.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во своето обраќање до студентите рече дека охрабрува податокот што дури 5.200 студенти посакале да напредуваат да се усоврушуваат во земјата, а 200 студенти однадвор посакале да студираат во Северна Македонија, што покажува дека сме компетитивни. Но, истражувањата на граѓанските организации покажуваат поразителни податоци.

Бројот на студенти се намалил за над 7.000

За последните десет години, бројот на студенти во земјата се намалил за 7.043, односно за 12 проценти. Според анализите на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), најголем пад од 11.150 студенти, односно 22 отсто, има на државните универзитети. Наспроти тоа, на приватните има 4.054 или 56 проценти студенти повеќе. Кај верските високообразовни установи има 53 или 20 отсто повеќе студенти.  

Бројот на студенти во земјата го достигнал најниското ниво во пандемиската 2020/21, само малку повеќе од 50 илјади. По порастот во следните две учебни години, вкупниот број студенти повторно паднал во последната учебна година. 

Бројот на студенти на државните факултети постојано се намалува во последните десет години и од некогашните скоро 52 илјади студенти, сега е сведен на едвај нешто повеќе од 40 илјади. Најголем губитник е најголемиот државен универзитет, скопскиот УКИМ, каде за десет години има скоро 5 илјади студенти помалку. Во тие рамки, најмногу студенти загубиле Економскиот факултет во Скопје, 2.273, Филолошкиот факултет 1.844 студенти и Градежниот факултет - 689.

Студенти Универзитет
За десет години - универзитетите покуси за 7.000 студентиФотографија: Robin Utrecht/picture alliance

Во однос на процентуалните загуби, најмногу студенти од УКИМ загубил Шумарскиот факултет – 69 %, потоа Филолошкиот, кој загубил 64 % од студентите, потоа Градежниот со загуба од 62 %, Земјоделскиот со 60 % и Правниот факултет - 55 %. 

Спротивно, од сите 23 факултети на УКИМ, само на четири има повеќе студенти, споредено со бројот од пред десет години. Најголем пораст има на ФИНКИ, 3.081 студент или 188 % повеќе студенти. Следи Медицинскиот факултет со 1.037 или 55 % студенти повеќе, па Фармацевтскиот факултет со 106 или 18 % повеќе студенти, и Факултетот за дизајн со 43 или 10 % повеќе студенти. 

Најмногу студенти на медицина

Убедливо најмногу студенти во земјата има на медицинските науки, повеќе од 10 илјади или дури 20 % од студентите се запишани на некоја од медицинските високообразовни установи. Од другите струки, покрај медицинскиот, втора струка со најмногу студенти е информатичката, со вкупно 6.655 студенти, а трета, со приближно исто толку студенти, односно 6.065 е економската. 

Најмногу студенти по одделни факултети има на скопски ФИНКИ (4.722), на трите државни медицински факултети, во Тетово (3.354), Штип (3.186) и Скопје (2.915), како и на скопскиот Економски факултет (2.022). 

Се намалува и бројот на запишани студенти на прва година во високото образование. Ако пред десет години имало речиси 19 илјади бруцоши, сега бројот на новозапишани студенти изнесува околу 15 илјади. Само за десет учебни години, вкупниот број запишани студенти во прва година е намален за 3.612, односно за 19 %. 

Сите државни универзитети, освен скопскиот Мајка Тереза, бележат намалување на бројот на новозапишани студенти во однос на бројката од пред десет години. На приватните факултети, пак, споредено се пред десет години, има 550 бруцоши повеќе, што е зголемување за 19 %. И на приватните високообразовни институции, најмногу интерес меѓу средношколците за запишување во прва година привлекуваат медицинските и информатичките науки. 

Наспроти намалувањето на бројот на студенти, се зголемува бројот на наставници и соработници. Само за последните десет години, универзитетскиот кадар пораснал за повеќе од илјада луѓе, односно за една третина. На државните универзитети има за 26 % повеќе кадар отколку пред десет години, односно 786 наставници и соработници повеќе. На приватните, пак, кадарот пораснал за 281 лице, односно за 45 %. 

Колку чинат студентските домови?

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема