1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиБразил

Тага и истрага: 61 загинат во авионска несреќа во Бразил

ЖА
10 август 2024

Авион се урна во станбена зона во Бразил на пат кон Сао Паоло. Според авиокомпанијата, сите 61 патник загинале - нема повредени на земја. Причината за несреќата е нејасна.

https://p.dw.com/p/4jJsF
61 загинат во авионска несреќа во Бразил
61 загинат во авионска несреќа во Бразил Фотографија: Felipe Magalhaes Filho/AP/dpa/picture alliance

По падот на патнички авион во Бразил, при што загинаа сите 61 лице во него, започната е истрага за причините за несреќата. „Прерано е за давање конкретни информации“, истакна раководителот на Центарот за истрага и превентива на  несреќи во воздушниот сообраќај,  Марсело Морено на прес-конференција.

Истрага се врши и во насока на метеоролошки и технички фактори, како и на евентуална човечка грешка, за да се открие  како дошло до пад на авионот  во станбена област во градот Винедо во државата Сао Паоло.

Снимачот на податоци за летот, таканаречената црна кутија, е пронајдена и се врши нејзино вештачење од страна на бразилските воздухопловни сили (ФАБ), изјави Морено.

Авионот на авиокомпанијата ВоеПас со 57 патници и четворица членови на екипажот во петокот бил на лет од од градот Каскавел во државата Парана кон аеродромот Гуарулхос во близина на Сао Паоло. 

Авионска несреќа Бразил
Започна истрага за причините за несреќата на авионот во БразилФотографија: Andre Penner/AP Photo/picture alliance

Како се случи несреќата може да се види на фотографии и видеа на социјалните мрежи. Авионот се врти во воздух и паѓа одеднаш речиси вертикално од небото, а потоа се издига голем облак чад. Податоци од платформата Flightradar 24 укажуваат дека авионот за помалку од една минута загубил речиси 4.000 метри височина. 

Авионот се урнал во населена област, Бразил
Авионот се урнал во населена област во БразилФотографија: Felipe Magalhaes Filho/AP/picture alliance

Очевидци пријавиле несреќа и темни облаци од чад над местото на несреќата. „Отидов на балконот и го видов авионот како се врти“, изјавила локалната жителка Натали Чикари за Си-Ен-Ен Бразил „Само имав време да крикнам и да се молам како во филмовите, а потоа го слушнав огромниот крах по несреќата“.

Авионот се урнал во населена област, но за среќа никој на земјата не е повреден.

Претседателот на Бразил Луис Инасио Лула да Силва нареди тридневна национална жалост. Гувернерот на Сао Паоло, Тарсио де Фреитас, ја вети сета потребна поддршка.

Според платформата Flightradar 24, метеоролошките извештаи за периодот околу моментот на несреќата сугерираат турбуленции и грмежи во областа. Управниот директор на Вое Пас, Едуардо Буш не ја исклучи можноста дека на крилата можеби се акумулирал мраз. Сепак, пилотите биле искусни, а авионот полетал со функционални системи.

„Авионот за време на полетувањето беше 100 процентно подготвен за лет“, рече Буш.

Според медиумите, несреќата е една од најсмртоносните во  бразилската историја на воздухопловството.