1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПакистан

Талибанците тврдат: Над 400 загинати во пакистански напад

ЕМФ | агенции
17 март 2026

Ескалација меѓу Пакистан и Авганистан: Во пакистански воздушен напад во Кабул, според наводи на владејачките талибанци, загинале најмалку 408, а повредени се 265 луѓе.

https://p.dw.com/p/5AWv0
Авганистан Кабул 2026 | Напори за гаснење пожари по пакистанскиот воздушен напад
Напори за гаснење пожари по пакистанскиот воздушен нападФотографија: Wakil Kohsar/AFP/Getty Images

Во пакистански напад врз авганистанскиот главен град Кабул, според владејачките талибанци, вчера (16.03) биле убиени најмалку 408 лица. Бројот на загинати при гранатирањето на клиника за одвикнување од дрога „не е конечен“, изјави денеска портпарол на авганистанското министерство за здравство. Освен, како што се вели, „400-те маченици“, повредени се „над 200 луѓе“.

Министерството за здравство првично соопшти дека има „повеќе од 200“ загинати, но потоа ја коригираше бројката нагоре. Нападите предизвикаа паника во Кабул. Според авганистанските здравствени власти, во моментот на нападите во клиниката имало околу 3000 пациенти од цел Авганистан. Очевидци велат дека имало три експлозии во моментот кога луѓето во болницата ја завршувале вечерната молитва. „Целото место пламна. Беше како да е крај на светот“, вели 50-годишен преживеан за агенцијата Ројтерс кој се лекувал во болницата. „Моите пријатели изгореа и не можевме да ги спасиме сите“, додава тој.

Авганистан Кабул 2026 | Пронајдено тело по пакистанскиот воздушен напад врз рехабилитацискиот центар
Според наводи на талибанците, во нападот загинале најмалку 408, а повредени се 265 луѓеФотографија: Wakil Kohsar/AFP/Getty Images

Пакистан негираше дека ја нападнал клиниката. Владата во Исламабад соопшти дека армијата нападнала „воени објекти и инфраструктура за поддршка на терористи“ во Кабул и во источната погранична провинција Нангархар.

Конфликтот меѓу Пакистан и Авганистан повторно ескалираше кон крајот на февруари. Исламабад го обвинува Кабул дека им дава засолниште на вооружени екстремистички групи како пакистанската талибанска група ТТП, која повеќепати извршува напади во Пакистан. Кабул го негира тоа.

Во октомври минатата година, во еднонеделните борби меѓу Пакистан и Авганистан во пограничниот регион, беа убиени повеќе од 70 луѓе. Двете соседни земји договорија примирје со посредство на Катар и Турција, но во неколкуте следни рунди преговори не успеаја да постигнат траен договор.