Тајван го продолжи воениот рок поради Кина
27 декември 2022„Донесовме одлука за повторно воведување на едногодишен воен рок од 2024 година“, изјави тајванската претседателка Тсаи Инг-вен по седницата на владата посветена на националната безбедност. Како причина за ваквата одлука е наведено дека кинеските „заплашувања и закани против Тајван“стануваат „сѐ поочигледни“.
Според Тсаи, актуелниот воен рок, кој трае четири месеци, не е доволен за да се одговори на ситуацијата која „брзо и постојано се менува“.
Продолжениот воен рок важи за мажите кои се родени по 1 јануари 2005 година.
„Војна можеме да избегнеме само ако се подготвуваме за војна, војна можеме да избегнеме само ако сме во состојба да војуваме“, изјави тајванската претседателка.
Седницата на кабинетот се одржа два дена по големите воени вежби на Кина во близина на Тајван. Кина го смета Тајван за своја отцепена територија и сака да го припои повторно кон себе, ако е неопходно и со примена на воена сила. Посетата на американската политичарка Ненси Пелосина Тајван во август годинава предизвика тензии помеѓу САД и Кина.