1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отсолување –ќе нѐ спаси ли од кризата со вода за пиење?

Холи Јанг | Кира Шахт
22 март 2024

Енергетски интензивен е, скап и процес кој ја загадува околината, но со оглед на зголемените сушни периоди во Источна Африка и Среден Исток, десалинизацијата може да биде од витално значење?

https://p.dw.com/p/4dynC
Постројка за десалинизација во Шпанија
Постројка за десалинизација во ШпанијаФотографија: JOSEP LAGO/AFP/Getty Images

Од античко-грчките војници кои ја зовривале, па сѐ до Римјаните кои користеле цевки од глина за  да ја филтрираат морската вода од солта,  отсолувањето за добивање вода за пиење има долга историја.
Модерни форми на милениуми старата технологија се „сегашност и иднина на справувањето со недостиг од вода”, вели Манзур Кадир, заменик директор на Институтот за вода, животна средина и здравје при Универзитетот на ООН.

Вода насекаде, а ни капка за пиење…

Иако 70 проценти од површината на земјината топка се покриени со вода, само околу 1 процент од 1260 милиони трилиони литри вода на планетата може да се пијат. Овој ограничен ресурс сѐ побрзо се троши поради растечкиот број на луѓе на планетата, нееднаквата дистрибуција на вода за пиење и зголемените сушни периоди поврзани со климатските промени.
Четвртина од глобалната популација живее во земји кои се соочуваат со состојба во која најмалку 80 проценти од вкупно достапната вода на годишно ниво се троши. Со тоа тие се загрозени да останат без вода за пиење и понекогаш владите се присилени да воведуваат значителни ограничувања на трошењето на вода.
Дури и со оптимистички климатски сценарија за намалување на затоплувањето на планетата, се очекува дополнителни една милијарда луѓе да се најдат во ваква ситуација до 2050 година.
Многу од погодените земји веќе трошат многу повеќе отколку што се надополнува. Разликата ја обезбедуваат преку увоз на вода, рециклирање отпадна вода  или отсолување.

Десалинизацијата е индустрија во развој

И покрај критиките во однос на трошоците, потрошувачката на енергија и влијанието врз средината, експертите велат дека отсолувањето на водата е „растечка индустрија”. Таа се развива во изминатите две децении.
„Причината е дека недостигот од вода притиска," вели Кадир. „Има сѐ повеќе постројки за отсолување", посочува тој.

Постројка за отсолување на морската вода во Саудиска Арабија
Постројка за отсолување на морската вода во Саудиска АрабијаФотографија: FAYEZ NURELDINE/AFP/Getty Images


Денес во такви постројки солта се отстранува од водата или преку процес на термална дестилација, што подразбира загревање на водата и собирање на пареата, или со обратна осмоза во која водата се филтрира низ полупропустлива мембрана.
Алтернативни извори на  добивање вода  како вештачко индуцирање на дожд, собирање вода од магла, транспорт на глечери во сушни предели, или рециклирање на вода може да бидат добредојдени, но не може да достигнат такво ниво за да ги задоволат потребите од вода во светот, вели Кадир.
Денес 56 милијарди литри отсолена вода може да се произведува на годишно ниво. Тоа се околу 7 литри по глава на жител на планетава.
Од околу 16 илјади постројки кои работат во светот, 39 проценти се на Средниот Исток кој заедно со Северна Африка е меѓу најзасегнатите на светот.
Иднина без отсолување на водата за многу од овие земји е „речиси невозможна”, вели Кадир со оглед на малите количини дожд.
Глобално погледнато, само околу половина процент од сета употребена вода е добиена преку отсолување, но во земји како Катар и Бахреин таа сочинува  76% и 56% од потрошувачката.

Се користат фосилни горива

Отсолувањето на водата троши многу енергија и најголемиот дел доаѓа од централи кои работат со фосилни горива. Студија од 2021 година покажува дека четирите постројки за десалинизација на Кипар, најтоплата и најсушна земја од ЕУ, придонеле за 5 проценти од вкупната потрошувачка на енергија и за 2 проценти од емисиите на гас на земјата. Преку постројките земјата се снабдува со 80 проценти од водата за пиење.
Зголемената енергетска ефикасност придонесува за брзиот раст на оваа индустриска гранка, вели Иго Бирч, уредник за темите отсолување и рециклирање вода во индустриско информативната платформа Глобал Вотер Интелиџенс.
Повеќето нови постројки го користат методот на обратна осмоза, кој е многу поефикасен од енергетска гледна точка и потенцијално за половина ги намалува трошоците за струја.
Според една проценка, енергијата потребна за обратна осмоза е намалена за речиси 90 проценти во периодот меѓу 1970 и 2020 година. Некои предвидувања велат дека технолошкиот напредок може да ги намали трошоците за отсолување на водата за 60 проценти во следните 20 години.

Добивање вода од воздухот

Посиромашните земји не може да си дозволат отсолување на водата

Трошоците за отсолување значително се намалени, на околу половина долар за кубен метар вода, но сепак тоа е „бизнис на богати земји”, вели Кадир. „Клучниот проблем е што земји со ниски приходи не може да си го дозволат", вели тој.
Преку 90 проценти од отсолувањето се одвива во земји со средни до високи примања, иако посиромашни како Субсахарна Африка се очекува да станат жаришта на недостиг до 2050 година.

Обединетите Арапски Емирати можат да си дозволат добивање вода за пиење од морска вода
Обединетите Арапски Емирати можат да си дозволат добивање вода за пиење од морска водаФотографија: Taidgh Barron/Zumapress/picture alliance


Се работи на развој на помали постројки за десалинизација кои користат соларна или енергија од ветер, но Кадир смета дека таквите производи не стасуваат до маргинализираните заедници на кои им се најмногу потребни.

Потенцијална опасност за живиот морски свет

Една од клучните задршки за отсолувањето е исфрлањето на солена вода во природната средина што може да предизвика „загадување на морскиот свет, на подземните води и засолување на почвата," вели Аргир Панагопулос , хемиски инженер од Националниот технички универзитет во Атина.
Околу 70 проценти од глобалното исфрлање на солена вода доаѓа од Средниот Исток.
Бирч вели дека објаснување за тоа е фактот што постројките за отсолување на Средниот Исток најмногу користат морска вода која е посолена отколку водата што се користи на пример во САД. Тој додава дека постројките вообичаено имаат вграден механизам за дифузија за да се обезбеди солената вода да не се испушта на исто место во средината.
Нови технологии се на повидок кои може да помогнат да се намали обемот на загадувањето, како и да се рециклираат корисни состојки како минерали, соли и метали, вели Панагопулос.

Одржлива иднина?

Има простор за подобрувања и трансформација кон зелени енергетски извори, вели Панагопулос.
„Отсолувањето на водата бележи значителен напредок во изминативе години, но и натаму има предизвици што треба да се премостат за да се смета за сосем одржливо," смета хемискиот инженер.
Сепак Кадир од Универзитетот на ООН верува дека отсолувањето на водата ќе има витално значење во справување со недостиг на вода во иднината затоа што не е засегнато од климатските промени.
„Независно од тоа дали има или не дожд, дали има суша, вода во морето има. Тоа е најдобриот момент во врска со отсолувањето на водата," заклучува Кадир.