Странци и криминал во Германија: што не покажуваат бројките?
18 април 2026
Дали луѓето без германски пасош извршуваат повеќе кривични дела? Површински гледано, официјалните статистики го потврдуваат тоа. Но, зад голите бројки се кријат сложени фактори кои често се занемаруваат. На тоа укажува Сузан Претор – социолог, психолог и правничка, која криминалитетот го анализира од повеќе научни перспективи.
Токму поради тој интердисциплинарен пристап, Претор има изразито критички однос кон Полициската статистика за криминал (ПКС), чии најнови податоци треба да ги објави Сојузната криминалистичка служба на Германија (БКА).
Повеќе од една третина осомничени без германско државјанство
Според податоците, кај кривични дела како кражби, грабежи и насилни злосторства, дури 35,4 отсто од осомничените немаат германско државјанство. Тој процент е повеќе од двојно поголем од нивниот удел во вкупното население.
Сепак, Претор предупредува дека во ПКС доминираат податоци кои често личат на „споредба на јаболка и круши“ – односно, станува збор за категории кои не се суштински споредливи.
Возрастa и полот како клучни фактори
Како професорка на Полициската академија во покраината Долна Саксонија, Претор посочува дека возраста и полот играат централна улога во криминолошките анализи, без оглед на потеклото. Историски гледано, младите мажи се непропорционално застапени меѓу осомничените.
„Странците во просек се значително помлади од германските државјани“, вели Претор и додава: „Младите мажи не само во Германија, туку ширум светот, се група која најчесто се поврзува со криминално однесување“.
Дополнително, на статистиката влијае и начинот на пријавување кривични дела. „Истражувањата покажуваат дека лица кои се доживуваат како ‘странци’ значително почесто се пријавуваат во полиција“,нагласува таа.
Според студија на Криминолошкиот институт на Долна Саксонија од 2024 година, лица без германско државјанство биле пријавувани речиси трипати почесто од Германци.
Повик за повеќе истражувања на „темната бројка“
За подлабоко разбирање на причините и позадината на криминалитетот, Претор се залага за повеќе таканаречени истражувања на „темната бројка“. Во овие анкети, случајно избрани граѓани се прашуваат за нивните искуства со криминал – вклучително и за дела кои никогаш не биле пријавени.
„Можам да прашам за мигрантско потекло, за причините и контекстот – без да бидам ограничена само на официјално регистрираниот криминал“, објаснува Претор. Според неа, ваквите истражувања овозможуваат многу подетална и попрецизна анализа, и кај жртвите и кај сторителите.
Каде и зошто настанува криминалитетот?
Кога станува збор за младите, веќе постојат релевантни истражувања на „темната бројка“. Тие покажуваат дека животните услови на многу мигранти значително се разликуваат од оние на германските државјани.
Меѓу факторите се вбројуваат семејно насилство, понизок степен на образование, криминално опкружување и силно нагласување на традиционалната машкост во одредени заедници.
Подеталниот увид во потеклото на осомничените дополнително ја открива комплексноста на т.н. криминал на странци. Во 2024 година, речиси 13 отсто од осомничените потекнувале од Украина. Со оглед на тоа што украинските бегалци претставуваат 35,7 отсто од сите бегалци во Германија, овој удел е релативно низок во споредба со други земји.
Зошто има повеќе осомничени од Северна Африка?
Спротивен тренд се забележува кај лица од Алжир, Мароко, Тунис и Грузија. Околу три отсто од осомничените потекнуваат од секоја од овие земји, иако нивниот удел меѓу регистрираните бегалци во Германија е помал од еден отсто.
Дали тоа значи дека овие групи се посклони кон криминал? Според Претор – тоа не нужно така. Повторно, клучот е во демографијата. Кај украинските бегалци, 63 отсто од полнолетните се жени, додека кај барателите на азил од Северна Африка, меѓу 74 и 82 отсто се мажи.
А, бидејќи мажите, без оглед на потеклото или пасошот, статистички се далеку почесто застапени во криминалитетот од жените, овие разлики имаат пресудно значење за правилно толкување на бројките.