Што сака Путин да постигне со „референдумите“ во Украина?
23 септември 2022Првите вакви намери Русија ги покажа пролетоска, а сега сака по брза постапка да ги анектира окупираните територии на југот и истокот на Украина. Гласањето за припојување кон Русија треба истовремено да се одвива во регионите Доњецк, Луганск, Хeрсон и Запорожје и треба да трае неколку дена, од 23 до 27 септември. Претседателот Владимир Путинво обраќањето неделава кажа дека Москва ќе ги признае резултатите. Исто како и при анексијата на Крим во 2014 година, на Русија ѝ е важно да делува неутрално. Таканаречените „референдуми“ беа најавени од локални украински политичари, ангажирани и воено поддржувани од Москва. Слично како и во случајот со Крим пред осум години, гласањето треба да се одржи порано од најавеното. Претходно како можен датум се споменуваше 4 ноември. Во Украина се забранети регионални референдуми. Независни набљудувачи, исто како и во случајот со Крим, нема да има.
Гласање со полициска придружба
Тоа беа паралелите, но сепак преовладуваат разликите. Доњецк и Луганск се сепаратистички републики кои од 2014 фактички се под руска контрола и кои кратко пред руската инвазија во февруари од Путин беа признаени како независни држави. Областите Херсон и Запорожје, на почетокот на агресијата беа речиси целосно или делумно окупирани од Русија. Во сите четири региони се војува до ден-денес. Лажен референдум беше планиран и за регионите кои пред неколку дена беа окупирани источно од Харков. Но успешната контраофанзива на Украинците очигледно го спречи тоа.
Во регионите ќе се гласа за различни работи, јавуваат руските медиуми. Во Доњецк и Луганск на листот ќе стои само едно прашање: Пристапување кон Руската федерација - „да“ или „не“. Во Запорожје и Херсон ќе бидат поставени три прашања, кои само заедно може да бидат одговорени со „да“ или „не“: истапување од Украина, формирање независна држава и припојување кон Русија.
Ќе се гласа и во самата Русија, каде од 2014 до сега се пребегани стотици илјади Украинци. Поголемиот дел, односно повеќе милиони луѓе, сепак избегаа во регионите контролирани од Киев. Електронско гласање не е предвидено. Во областа Запорожје, меѓу другото, треба да има и мобилни изборни тимови со полициска придружба кои ќе прават домашни посети, изјави во вторникот (21.09) административниот управник назначен од Русија, Јевгениј Балицки, во интервју за руската државна телевизија Росија24.
Целите на Русија на лажните референдуми
Откако ќе биде формализирано приклучувањето, борците од Доњецк и Луганск ќе бидат прифатени во руската армија. Планот на Москва за Херсон и Запорожје е таму да се регрутираат доброволци. Припојувањето на новите региони треба дададе можност на Русија да ги ангажира „сите сили за самоодбрана“, напиша поранешниот претседател Дмитриј Медведев на својот Телеграм-канал.
Многу набљудувачи ова го интерпретираат како закана со атомско оружје. Но, летоска имаше украински напад врз руски воен аеродром на Крим кој не предизвика непосредни реакции од Русија. Рускиот политиколог Димитриј Орешкин за ДВ вели дека првичниот план на Русија за навидум регулирано гласање бил отфрлен. Такво гласање „за време на војна, кога речиси половината од населението е избегано“ не може да се сфати сериозно.
Анкета 2019: Во Донбас нема мнозинство за припојување
Нема сигурни податоци околу актуелното расположение во окупираните региони од Русија. Но, во анкета спроведена од Берлинскиот центар за источноевропски и меѓународни студии во 2019 година, помалку од половината од населението во сепаратистичките региони Доњецк и Луганск се изјаснија за припојување кон Русија, односно 45%. Многу од приврзаниците поддржуваат автономен статус, односно околу 27%. За враќање кон Украина, во тоа време се изјасниле 54% од испитаниците во двата региони.