1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија: потфрлија и општеството и системот

8 мај 2023

Тридневната жалост поради трагично настраданите деца во училиште во Белград пројде, но меѓу граѓаните на Србија и натаму нема друга тема. Најчесто поставуваните прашања се како дојде до ова и чија е одговорноста?

https://p.dw.com/p/4R2ri
Тага во Србија по двата масакри
Тага во Србија по двата масакриФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

„Длабока трагедија, особено што се работи за деца. Тоа е нешто што не смее да се тргне од памет“, вели социологот Ѓокица Јовановиќ. Тој смета дека и општеството и државата се виновни што дошло до точка после која како што вели, нема назад.

Смета дека сите од владата, со претседателот на Србија на чело, треба веднаш да се „демисионизираат”. „Во спротивно, со причина може да се постави прашањето за нивната одговорност која е очигледна и за човечноста која е под знак прашалник”, вели тој. 

Во меѓувреме неотповиклива оставка поднесе министерот за образование, Бранко Ружиќ. Во писмото со кое го образложува чекорот вели дека засекогаш како печат на душа ќе ги носи драматичните слики од настаните во училиштето, пролеаните солзи при изјавувањето сочувство на неутешните родители. Воедно, како што оценува, „одговорноста за оваа трагедија е на сите нас заедно”. 

„Катарза нема да се случи и тоа е трагично"

Тоа е веројатно единствената работа со која е согласен и соговорникот на ДВ, социологот Јовановиќ. Тој потсетува декадо сега „државата не реагираше” ни кога се случуваа самоубиства кај деца. 

„Еве, малиот Алекса од Ниш пред 12 години, па државата со око не трепна, освен неколку изјави налик на пароли и ништо повеќе. Децата се доведени во состојба на меѓусебна конкуренција, денес конкуренцијата е предуслов на оваа идеологија. Таму каде што има гола конкуренција, таму човек на човека е волк. Ова општество доживеа тотален распад и пад на солидарноста”, оценува Јовановиќ. 

Според него, семејството е уништено и без идентитет - пред сѐ во симболична смисла, а потоа и во егзистенцијална. „Ги присиливте родителите да трчаат од еден до друг газда за некако да заработат по некој денар и да ги нахранат своите деца. Па видете колку веќе трае дебатата дали да се работи во сабота и недела и што државниот врв вели: мора да се работи и на викенд. Па чекај, кога тоа семејство ќе седне да руча заедно барем во недела, кога децата ќе им кажат нешто што имаат да им кажат. Кога родителите ќе слушаат, со полно уважување, со полна почит, кога ќе дадат совет, или ќе се извинат?”, прашува Јовановиќ. 

Тој не верува дека „оваа трагедија ќе го придвижи општеството темелно да се промени и да постави нови вредности. Таа катарза нема да се случи и тоа е трагично. Се плашам дека такви нешта и натаму ќе се случуваат”, вели социологот. 

Социологот Ѓокица Јовановиќ Србија масакри
Социологот Ѓокица Јовановиќ: и општеството и државата се виновни што се стигна до точка после која нема враќањеФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

„Родителите мора да ги научат децата на самоконтрола"

За социологот Јовановиќ најновите случувања не се изненадување, затоа што и децата се под притисок на меѓусебна конкуренција, борба за оценки, а не за знаење. Тука тој го гледа најголемиот проблем. За социјалниот психолог, професор Александра Костиќ, случајот на масовно убиство во основно училиште сепак е изненадување, затоа што такви случаи до сега немало. Воедно таа укажува на тоа дека насилството е атрибут кој во потполност обележува сѐ што се случува во многу области од животот. 

„Луѓето не се во состојба да комуницираат без судир, без предизвикување конфликт, без вербално агресивно однесување, како да се добрите правила на комуникација заборавени. Луѓето зборуваат паралелно едни со други, со своите гласови ја надгласуваат целата атмосфера, а притоа е невозможно да се следи содржината на нивниот говор. Тоа се случува и во Собрание, во институција која бара друг начин на комуникација. Тоа се случува и во училиштата каде сѐ се канализира низ агресивно однесување спрема професорите, наставниците, учителите, како што е на пример тргањето на столчето, а да не зборувам за ова со што сме соочени”, вечи Костиќ за ДВ. 

Таа истакнува дека семејството е многу важно за втемелување на личноста и моделот на однесување, но дека вината никако не може да се префрли само на семејството. 

„Родителите мораат да ги научат децата на самоконтрола”, вели нашата соговорничка. „Во однос на содржините кои родителите уште ги немаат откриено на прв поглед и на втор суштински поглед. Вие всушност не знаете со што вашето дете се занимава, што го обзема, што му е поттик, што го интересира. Што му е прашање на предизвик, или заводливо. Внимавајте, тоа не се деца кои имаат интеграција на зрелост. Може да бидат високи и убави и да ги исполуваат своите обврски, но дали е тоа сѐ?"

Децата многу често учат според модели

„Следењето на сопствените деца е многу важно и тука не смее да има минимизирање на некои симптоми кои привлекуваат внимание. Да не се дозволува агресивно однесување и со својот пример да се покаже дека сте на висина на задачата, дека не запаѓате во кавги и такви видови на пресметки. Да се настапува со аргументи, исто така и во училиштата, во институциите и на работа“, нагласува Костиќ и додава дека детето мора да се соочи и со последиците, но да се земе  предвид незрелоста. „Патолошка реакција на неуспех, на слабост, на неможност да се греши и кај најдобрите не е добра. Тука родителот треба да санира, исто и наставниците и сите останати. Ова е мој апел да се свртиме кон суштината на проблемот, а не на козметички промени, замачкувања низ рзлични модалитети, затоа што тоа може да се повтори, тоа се инспиративни настани за некои луѓе кои имаат пореметена состојба на стабилност”, предупредува професор Костиќ.

Без оглед на сето тоа, таа смета дека системите на универзални вредности кои некогаш постоеја, може да се вратат на правиот пат, на местото на новите и како што вели, некадарни системи. 

Александра Костиќ Србија масакри
Александра Костиќ: не може цела вина да се префрли на семејствотоФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

„Мора да се работи на солидарноста, емпатијата, на регулирање емоции и мисли. Ја имаше онаа паролата - разговарајте со своите деца. Тоа секако е должност на родителите, тие имаат многу сложена задача. Наставниците, професорите не се само луѓе кои образуваат, туку и воспитуваат. Но, како воспитуваат? Не со идилични и романтичарски повикувања на нешто што поминало и на нешто што порано беше составен дел од статусот на угледен професор, туку со сопствен пример. Тоа е најважно. Децата учат на многу начини, но многу често според модел”, укажува Костиќ.

Да се поправи системот, но не на брзање

Таа истакнува дека без разлика на тоа што зборуваат властите, системот сепак потфрлил затоа што насилство меѓу врсници во минатото не било спречено, ниту пак казнето. Затоа смета дека системот млра да се менува. „Како социјален психолог би било страшно ако не верувам во тоа дека некои нешта може да се поправат – но тоа мора да биде системски. И тоа не вака на брзина со предупредувања, совети или дури и мерки, туку со анализи, земање  предвид што мислат компетентни луѓе, а не само политички припадници на партиите. Компетентноста е важна, таа не може да биде под политичкиот ангажман. Секогаш имате и некои погрешни избори, но не чини ако е тоа стилот. Со здружени сили во тимови стручњаци, власти, родители и наставници - а пред сето тоа мора да постои почитување на другиот и на знаењето на другите личности”. 

Професорката Костиќ е многу пооптимистична во однос на колегата Јовановиќ. Вели дека луѓето од Србија ги краси сочувство и дека таа има верба во луѓето. „Ситуацијата е сериозна”, вели и додава „но, мислам дека има надеж затоа што постојат капацитети”.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема