1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија: Апсења и нови протести

ЖА /АРД
26 декември 2023

При протестите против резултатите на локалните избори во Србија, полицијата уапсила најмалку 38 демонстранти. Илјадници луѓе со денови излегуваат на улици, обвинувајќи го претседателот Вучиќ за манипулирање на изборите.

https://p.dw.com/p/4aZwK
Илјадници луѓе протестираат во Белград поради изборна измама
Илјадници луѓе протестираат во Белград поради изборна измамаФотографија: Filip Stevanovic/AA/picture alliance

Српската полиција соопшти дека уапсила најмалку 38 лица кои учествувале во протестите против резултатите на неодамнешните парламентарни и локални избори. Како што објасни полицијата во понеделникот, луѓето во неделата  провалиле во градската влада на Белград,  пренесува „Тагесшау“, порталот на германскиот јавен сервис АРД.

И во понеделникот вечерта неколку илјади приврзаници на српската опозиција  повторно демонстрирале во Белград  против наводната измама на локалните избори на 17 декември. Учесниците на митингот продефилирале низ центарот на Белград, извикувајќи „Крадци, крадци!“, јавува известувачот на германската новинска агенција Дпа. Некои демонстранти исто така марширале до полциската станица, каде верувале дека се сместени уапсените. Ова беше осми протест по ред по изборите.

Тесна победа на владејачката партија

Српската напредна партија (СНС) на претседателот Александар Вучиќ победи на вонредните парламентарни и локални избори во многу градови, вклучувајќи го и Белград. Но, во Белград победата на претседателовата партија е многу тесна.

Александар Вучиќ
Српскиот претседател Александар Вучиќ ги демантираше обвинувањата за изборна измамаФотографија: Darko Vojinovic/AP/dpa/picture alliance

Опозицијата тврди дека победата е остварена со  бројни фалсификати.  Десетици илјади избирачи на владејачката партија кои не живеат во Белград наводно незаконски гласале за градското собрание врз база на организирано пријавување на фиктивни престојувалишта.

Опозицијата ја повикува ЕУ да ги провери изборите

Претставници на алијансата „Србија против насилство“ порачаа дека нема да ги признаат резултатите од изборите и бараат нивно поништување и повторување на слободен и чесен начин. Алијансата на повика ЕУ да ги провери резултатите. Некои од опозиционите политичари почнаа штрајк со глад.

Амбасадорот на САД во Белград, Кристофер Хил, кого опозицијата го критикува поради неговите наводно провладини коментари, ги осуди  „насилството и вандализмот“  во текот на протестите. Но, Хил на социјалната мрежа Х додаде дека „легитимноста на демократските процеси зависи од транспарентноста и спремноста на сите страни да ја почитуваа волјата на народот изразена на гласањето."

Вучиќ ги отфрла обвинувањата за манипулации

Српскиот претседател Александар Вучиќна конференција за новинари во неделата ги демантираше обвинувањата. Неговата партија соопшти дека изборите биле фер без оглед на критиките на меѓународните и локалните набљудувачи на изборите.

Рускиот амбасадор во Србија Александар Боцан-Харченко тврди дека постојат „несоборливи докази“ за тоа дека  Западот ги поддржува протестите на опозицијата.