1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Превирања околу културните клубови во Македонија и Бугарија

ДТЗ
1 ноември 2022

Превирањата околу отворањето на македонски и бугарски клубови резултираа со најави за нивно затворање и со забрани да се отвораат нови.

https://p.dw.com/p/4Iuxq
Протест Цар Борис Охрид
Превирањата околу отворањето на македонски и бугарски клубови резултираа со најави за нивно затворање и со забрани да се отвораат новиФотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

Превирањата околу отворањето на македонски и бугарски клубови резултираа со најави за нивно затворање и со забрани да се отвораат нови. Бугарскиот суд го затвора здружението што во неделата го отвори македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград. Одлуката е правосилна од првата половина на октомври. Како што објави „360 степени“, причината е судски процес кој започнал во 2019 година, кога и било регистрирано здружението, со образложение дека целите на граѓанското здружение се спротивни на бугарските закони.

„Клубот е нелегитимен бидејќи не го почитува Законот за просторно планирање дека е културен центар. Тоа е повеќе канцеларија во која луѓето се собираат на приватна основа. Едноставно, решаваат и се собираат дали во градина, во канцеларија или дома. И нема шанси да носи име на културен дом и никако да го носи името на Никола Вапцаров. Тоа едноставно е канцеларија“, порача градоначалникот на Благоевград, Илко Стојанов, за Бугарската национална телевизија.

Во меѓувреме и македонските институции ставија  рампа на обидот да се отвори трет клуб „Цар Фердинанд“ во Богданци. Претседавачот со Советодавното тело за употреба на имиња на историски личности при именувањето граѓански здруженија и фондации, универзитетскиот професор Бобан Петровски, потврди дека донеле негативно мислење за употреба на името на бугарскиот цар Фердинанд во називот на бугарското здружение кое сака да се регистрира во земјата. Според Петровски, цар Фердинанд не е запаметен како позитивна личност и без оглед на тоа кој ќе го предложи за име на здружение, ќе предизвика вознемиреност кај граѓаните. Негативното мислење на советодавното тело ќе биде доставено до Министерството за правда.  

протест Цар Борис Охрид
Северна Македонија ќе ги менува законите по отворањето бугарските клубови „Ванчо Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во ОхридФотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

Тест за институциите

Ова е прва одлука на ад-хок телото коешто беше формирано со цел да се премости периодот до усвојување на нов закон за здруженија и фондации кој што треба да ги надмине аномалиите на досегашната законска регулатива. 

Предлог измените и дополнувањата на Законот за здруженија и фондации, поднесен од ВМРО-ДПМНЕ, и на Законот за политичките партии, поднесен од СДСМ, денеска (1.11) се на дневен ред на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија. Со законските измени треба да се стави крај на отворање здруженија, фондации и политички партии чии програми и цели се насочени кон уривање на уставниот поредок на земјата, кон поттикнување на воена агресија, како и кон разгорување национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост, нетолеранција, геноцид, екстерминација, поттикнување и одобрување фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот рајх, како и преземање активности поврзани со тероризам или активности спротивни на Уставот. 

Измените на овој закон предвидуваат дека за употреба на име, презиме, прекар, псевдоним, кратенка или иницијали на историска личност, согласност дава министерот за правда, по претходно добиено позитивно мислење на Комисијата за употреба на имињата на историски личности. Предложените законски измени следуваат по отворањето бугарските клубови „Ванчо Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи