1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија се надева на десетици илјади странски работници

ЖА / агенции
19 јуни 2023

Со нов систем на поени и намалена бирократија при доселувањето, Германија се надева на доаѓање десетици илјади работници од земјите надвор од ЕУ. Западнобалканското правило останува да важи со двојно зголемен контингент

https://p.dw.com/p/4SmZL
Германија странски работници
Германија се надева на доаѓање на 75.000 нови странски работнициФотографија: Christoph Schmidt/dpa/picture alliance

Пратеничките групи на партиите од германската владина коалиција, СПД, Зелените и Либералите се усогласиле околу последните измени во Законот за доселувањена странска квалификувана работна сила. Како што соопштија Катја Маст (СПД), Ирене Михалич (Зелени) и Јоханес Фогел (ФДП), законот уште оваа недела треба да се најде на завршни консултации и на дневен ред во Бундестагот. Целта е намалување на илегалната миграција и поттик на регуларната миграција, што би довело до подобрување на позициите на Германија во глобалната конкуренција со врбување на најдобрите таленти.

Притоа, не станува збор само за стручњаци, туку и за работници без нострифицирани дипломи за завршено образование, кои можат да стигнат во Германија врз база на систем на поени, кај кој пример е земен од Канада. Преку системот на поени базиран на познавање на јазикот, квалификации и старост, странците можат да се стекнат со т.н. „карта на шанси“ за едногодишна потрага по работа во Германија, која смее да биде доделена само доколку е загарантирано покривањето на животните трошоци. Новина е што сега оваа карта може да биде продолжена до две години, ако биде приложен добиен работен договор за квалификувана работа и Агенцијата за труд дала своја согласност за работата. Намалено е и нивото на минимално познавање на германскиот јазик кое е потребно, од А2 на А1.  

Освен тоа, се намалува границата за минимална заработувачка на дојденците со завршен факултет со т.н. „сина карта“, на  околу 3500 евра месечно бруто или 43.800 евра годишно за 2023 година.

„Сѐ е можно ако си упорен“

Останува во важност специјалното правило за доаѓање на странска работна сила од шесте држави од Западен Балкан, кај кое годишниот контингент од 50.000 работници ќе биде удвоен. Западнобалканското правило би требало да биде отворено и за други трети држави.

Оној кој ќе допатува со туристичка виза во Германија и добие работен договор, нема веќе да мора да ја напушта земјата, ако се исполнети условите кои ги предвидува новиот закон за доселување странска работна сила.

Владата се надева преку новата регулатива да „регрутира“ околу 75.000 дополнителни работници.

Владината коалиција постигнала согласност и околу последните детали за планираниот закон за обука и дообука, во кој спаѓа и гаранција за работна обучување на сите млади луѓе во Германија.

Поддршката на внатрешните потенцијали е друга страна на медалот за добивање квалификувани работници, истакнуваат од владејачките партии, а соодветниот закон исто така ќе се најде во Бундестагот оваа недела.

Во измените во однос на владиниот предлог за доселување спаѓа и тоа што на барателите на азил ќе им биде овозможено право на престој заради работа, тие можат да останат во земјата ако приложат доказ за работно место кое им обезбедува егзистенија. Тоа ќе биде во полза на фирмите кои очекуваат луѓето кои се веќе во земјата да можат и да работат, исто како и на комуните кои ќе бидат растоварени од бирократија и трошоци,  соопшти Михалич.

Фогел истакна дека правилото ќе важи ретроактивно за барателите на азил чија постапка е во тек, заклучно со 29 март 2023 година, ден кога владиниот кабинет го усвои и го соопшти во јавноста законскиот предлог.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи