Венецуела: Празнување на Божик во октомври
4 септември 2024Во екот на сериозна политичка криза во Венецуела, авторитарниот претседател Николас Мадуро ќе ја одложи божиќната прослава за речиси три месеци.
„Септември е и веќе мириса на Божиќ. Во знак на благодарност до народот кој се бори, со декрет го преместувам Божик на 1 октомври“, им рече шефот на државата на поддржувачите во телевизиска програма.
„Божиќ доаѓа со мир, радост и безбедност“, рече Мадуро.
Мадуро во минатото неколкупати го поместуваше Божиќ
Не е првпат Мадуро да прибегнува кон невообичаена мерка за да го оттргне вниманието од актуелните проблеми на оваа јужноамериканската земја. За време на пандемијата на корона вирусот во 2020 година, Божиќ беше поместен на 15 октомври, а наредната година на 4 октомври.
Тогаш Мадуро објави видео од претседателската палата Мирафлорес украсена со новогодишни елки и украси. Традиционално, социјалистичката влада дели пакети со храна кои содржат, на пример, свинска коленица, во сиромашните области во земјата за време на божиќната сезона.
Тензии по обвинувањата за изборна измама
По претседателските избори на 28 јули, кои беа во сенка на обвинувањата за измама, изборната комисија лојална на владата го прогласи за победник Мадуро, кој е на власт од 2013 година. Опозицијата ја обвинува владата во Каракас за изборна измама и тврди дека победил нејзиниот кандидат Едмундо Гонзалес Урутија.
Судот во понеделникот по барање на провладиниот јавен обвинител издаде налог за апсење на овој поранешен дипломат.
Соединетите Американски Држави и неколку земји од Латинска Америка веќе ја признаа изборната победа на Гонзалес. И Европската унија и Организацијата на американските држави се сомневаат во официјалните изборни резултати.