Смртоносни пожари во Чиле: Прогласена национална жалост
5 февруари 2024Најмалку 112 лица загинаа во шумските пожари кои го опустошија регионот Валпараизо во централно Чиле, според најновиот биланс на жртви, соопштија локалните власти.
Се стравува дека бројот на жртви би можел да биде поголем, додека пожарникарите продолжуваат со гаснење на активните пожари.
Претседателот Габриел Бориќ, кој во неделата (6 февруари, 2024) ги посети погодените области, рече дека тоа е една од најголемите трагедии од 2010 година, кога земјата беше погодена од земјотрес во кој загинаа повеќе од 500 луѓе.
Бориќ, објавувајќи дводневна национална жалост за жртвите од пожарот, порача дека Чиле мора да се подготви за уште лоши вести.
„Таа бројка сигурно ќе расте, значително ќе расте“, рече Бориќ во телевизиското обраќање до нацијата. „Сите сме заедно во борбата против оваа вонредна ситуација. Приоритет е да се спасат животи“, рече претседателот Бориќ.
Стотици луѓе се водат како исчезнати, а повеќе од 160 пожари беснеат во земјата, соопштија властите.
Околу 1.400 пожарникари и 1.300 војници и доброволци четврти ден по ред се ангажирани во гаснењето на шумските пожари кои го зафатија централниот и јужниот дел на Чиле.
Помеѓу 3.000 и 6.000 куќи се оштетени или уништени во пожарите. Уништени се околу 43.000 хектари шуми.
Пожарот го зафати и популарното летувалиште Виња дел Мар, каде што е врвот на летната сезона и се забележани екстремно високи температури.
Причина за пожарите е топлотниот бран кој во моментов зафаќа неколку региони на Чиле. Агенцијата за клима во земјата ги припишува високите температури на цикличниот временски феномен Ел Нињо, кој го загрева Тихиот Океан. Во текот на летото на јужната хемисфера, силни шумски пожари се случуваат редовно во Чиле. Но, постојат и сомнежи дека дел од актуелните пожарите се намерно подметнати.