1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Nordkorea I Coronavirus I Kim Jong-un
Фотографија: KCNA/dpa/picture alliance
ПолитикаСеверна Кореја

Ким прогласи „блескава победа“ над коронавирусот

ЖА / агенции
11 август 2022

Три месеци по првата потврда на пандемија на коронавирус во земјата, Северна Кореја објави дека вирусот е победен, а за неговото избувнување ја обвини Јужна Кореја.

https://www.dw.com/mk/severna-koreja-kim-proglasi-bleskava-pobeda-nad-koronavirusot/a-62776907

Севернокорејскиот властродржец Ким Јонг Ун свечено прогласи победа во борбата против искоренувањето на новиот коронавирус, објавија денеска државно контролираните медиуми во земјата. Изјавата Ким ја дал вчера во Пјонгјанг, на средба на национално ниво посветена на мерки против епидемијата.  Кампањата против коронавирусот  е завршена, но Северна Кореја мора и натаму да остане будна и внимателно да ги контролира граничните подрачја, бил заклучок на средбата.

Речиси две недели Пјонгјанг не пријави  нови случаи на зараза  или сомнителни заболувања поврзани со Ковид-19. Меѓутоа, и натаму е нејасен вистинскиот број на инфицирани со коронавирус. Целосно изолираната земја на средината на мај првпат официјално потврди инфекции со вирусот, притоа се зборуваше за сериозна епидемија. Но, кратко потоа  инфекциите со коронавирус  во јавноста беа споменувани само како „случаи на висока температура“, според официјални наводи, од крајот на април се регистрирани речиси 4,8 милиони вакви случаи, од кои 74 со смртни последици.

Балоните кои го разбеснуваат Ким

Експертите сметаат дека Северна Кореја не располага со доволни тестирачки капацитети, а здравствениот систем во земјата се смета за еден од најлошите во светот. Болниците се скудно опремени, располагаат само со мал број на интензивни одделенија, нема вакцини или лекови против коронавирус. Властите пак тврдеа дека итно испраќаат „мобилни антиепидемиски“ тимови во оние региони во кои се пријавени случаи на висока температура, заради вршење ПЦР и тестови за присуство на антитела и утврдување на причините и симптомите.

Сестрата на севернокорејскиот диктатор изјавила дека и самиот Ким Јонг Ун заболел  за време на епидемијата на коронавирус. Државната новинска агенција КЦНА денеска ја цитира Ким Јо Јонг:

„За време на деновите на оваа карантинска војна, Ким страдаше од висока температура. Но, тој ни еден момент не сакаше да прилегне, зашто мислите постојано му беа кај луѓето за кои е одговорен“. Ова е инаку првпат Северна Кореја да спомене можна инфекција на нејзиниот лидер.

Моќната сестра на Ким Јонг Ун ја обвини Јужна Кореја за раширување на вирусот во Северна Кореја, заканувајќи се со одмазднички потези. Според Јо Јонг, балоните со флаери и пари, кои активисти од Јужна Кореја ги испраќаат преку границата, се виновни за  избувнување на заразата. Сеул веднаш реагираше со демантирање на овие тврдења како „целосно неосновани“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Димитар Ковачевски Христијан Мицкоски

Ковачевски и Мицкоски бараат решенија за енергетската криза

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница