1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Семејното насилство е огледало на сите нас

4 март 2026

Не може да зборуваме за самоубиството а да го занемариме бруталното убиство на дете кое ни криво ни должно се родило и живеело во несреќни околности.

https://p.dw.com/p/59kkF
Женски раце во крупен план испружени за одбрана од напад. Симболична фотографија за семејно насилство
Соочени со предрасудите во општеството жртвите на семејно насилство одлучуваат да молчат. Фотографија: Fabian Sommer/dpa/picture alliance

Како и обично крикот поради згаснатите два животи во Скопје се излеа на социјалните мрежи при што гневот за трагедијата на младата мајка и нејзината малолетна ќерка се истури врз сопругот и таткото, и врз полицијата и социјалните служби. По барање или под влијание на полицијата, медиумите брзо по веста за трагичниот настан престанаа да го користат зборот самоубиство и го заменија со зборот „пад“. Што е сосема неточен збор за опис на настанот. Поточен збор е „самоубиство". Но вториот збор што треба да се додаде е и зборот „убиство“. Односно, во скопската населба Карпош се случија истовремено самоубиство и убиство.

Редоследот на двата збора е повеќе од коректност спрема младата жена која очигледно била жртва на семејно насилство. Построг правен систем и построго општество од нашето ќе даде првенство на зборот убиство затоа што тој е потежок од зборот самоубиство, бидејќи се работи за мало дете на кое не му е ни дадено право на избор дали да скокне во смрт или да се одлучи за животот. И покрај малата возраст, веројатно е дека ако детето било прашано дали сака да живее или да умре, ќе дадело одговор дека сака да живее. Но не било прашано туку му била подадена рака која детето со доверба ја прифатило и - било однесено во смрт.

Несреќната млада жена очигледно сакала сама да се справува со ситуацијата во која се нашла. И повторно очигледно, затоа што не верувала во институциите, во своето и негово пошироко семејство, во соседите, во заедницата. Затоа што навреме ја научила лекцијата во нашето општество дека жената треба да трпи сѐ. Па и ќотек, и вербално, и што е најмногу распространето психичко насилство. Погледнете, во Македонија секој трет или четврт профил на Фејсбук е заеднички профил на сопружниците. До толку е табу индивидуализмот во бракот.

Кога молкот е избор

Затоа, соочени со предрасудите во општеството жртвите на семејно насилство одлучуваат да молчат. Или како младата Ирена кога ќе им тропне полицијата на врата поради поднесена пријава, го одбираат патот кој во моментот им се чини поедноставен: го негираат насилството. Само жена која смета дека нема да наиде на поддршка, одлучува да го крие злосторот на нејзиниот партнер кон неа.

За тоа време, сите ние како поединци, како семејства кои неминовно знаат за насилството, исто така одбиваме да се соочиме со него. Одбиваме да се соочиме и со институциите бидејќи одамна сме им поставиле и ним дијагноза дека не работат правилно. Полицијата, вистина, нема што да прави ако жртвата во официјален записник тврди дека сопругот не ја удрил. Или како што беше кажано на полициската прес конференција „не дошло до физички контакт" меѓу нив во случајот за кој има пријава.

Можеби несреќната жена ќе ја кажела вистината ако имала потоа каде да се засолни, ако имала заштита од поширокото семејство, како нејзино така и негово, (кое во нашето општество многу често избира да оди по линија на помал отпор), ако имала услови за финансиска независност, и ако имавме функционални институции кои ќе и пружат заштита. Но пред сѐ ако не се плашела од стигма, тој невидлив непријател на жените во македонското општество.

Нема „преки“ суд

За жал на сите оние кои бараат „преки“ суд за извршителите на семејно насилство, правниот систем се заснова на процедури, обвиненија засновани врз материјални и физички докази (медицински извештај за повреда од тепање), вербални докази од страна на сведоци како и изјави од страна на жртвата.

Институциите, сепак, ќе треба да одговорат за овој случај зошто не постапиле според новите правни одредби за гонење по службена должност на сторител на семејно насилство, наместо да инсистираат на потпишана изјава од жртвата. И, зошто на пример, не го поврзале неговото кривично досие со пријавите што ги добивале од соседите за брачната двојка.

Не треба да се биде правник, од друга страна, за да се предвиди и исходот за насилникот кој ја тепал и мачел сопругата. Без докази и сведоци, и без индиции кои можат физички да го поврзат со местото на самоубиството и убиството, тешко дека било кој обвинител ќе го добие случајот против него како причинител или виновник за трагедијата. Барем ако се работи за пресуда заснована врз право а не врз желба да се задоволи јавноста.

Тоа е крајно разочарувачки но е и поука дека случај против семеен насилник не се гради откако ќе настапат трагични последици, туку се гради постепено со активно учество на поширокото семејство на жртвата и насилникот, социјалните служби и конечно полицијата која ќе го стави сето тоа во правна рамка. Вртењето на глава од страна на непосредните сведоци на малтретирањето, и молчењето на жртвата, прават семејното насилство подоцна да прерасне во фантомски случај кој никогаш нема да донесе правда на настраданите.

Оттука, нашата држава има уште долг пат пред себе пред да почне објективно да ги третира случаите на семејно насилство. Сѐ додека не сфатиме дека во неговото санкционирање треба да учествуваат не само органите туку и граѓанската заедница (семејството, пријателите, соседите) како прв аларм за таков случај, сѐ дотогаш ќе жалиме по жртви, а во овој трагичен настан како преседан насилството заврши и со брутално убиство на дете кое не доби право на избор.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар