1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Русија: И банките ќе се борат против украинските дронови

БГ /АП
27 мај 2026

Руската Дума донесе закон со кој и банките ќе треба да се вклучат во противвоздушната одбрана од украинските дронови. Се предвидува вработени во банките да добијат одобрение да пукаат кон дроновите.

https://p.dw.com/p/5EP1B
Густ чад над згради во рускиот регион Риазан по напад од украински дрон. мај 2026
Русија ќе ги вклучува банките во одбраната од украински дроновиФотографија: Social Media/REUTERS

Вработени и филијали на руските банки во иднина ќе треба да се вклучат во одбраната од украинските напади со беспилотни летала, согласно амбициозен план што го одобри долниот дом на рускиот парламент.

Според предлог-законот усвоен во третото и финално читање во вторникот, банките ќе ги сносат трошоците за поставување системи за електронско попречување (џемирање) на своите објекти, додека одредени вработени ќе имаат овластување да соборуваат дронови. Ова го предвидува нацрт-законот за кој извести државната новинска агенција Интерфакс.

Предлогот, кој првично бил презентиран во август минатата година, а подоцна проширен, сè уште треба да биде одобрен од Горниот дом – Советот на Федерацијата, како и да биде потпишан од претседателот Владимир Путин за да стапи на сила.

Недоумици околу спроведувањето на мерките

Русија сè потешко успева да ја заштити својата огромна територија од сè почестите и технолошки понапредни напади со украински беспилотни летала со долг дострел. Воедно, помалите дронови ја отежнуваат офанзивата на руските сили долж фронтот долг околу 1.250 километри и ги нарушуваат линиите за снабдување, посочуваат западни аналитичари и официјални лица. 

Украински дрон од типот An-196 Ljutyj чека полетување. февруари 2026
Русија не може да се справи со технолошки напредните украински дронови. Фотографија: Evgeniy Maloletka/AP Photo/picture alliance

Иако руските банки досега не се сметаа за примарна цел на украинските напади во текот на четиригодишната војна по руската инвазија, предложените мерки отвораат бројни прашања за нивната практична примена.

Широката инсталација на опрема и обуката на персоналот за нејзино користење би барале значителен организациски ангажман. Планот ги опфаќа Централната банка на Русија и други клучни институции, вклучително и Сбербанк, која е во мнозинска државна сопственост.

Бидејќи филијали на банки постојат во речиси секој град, нивното вклучување во системот за противвоздушна одбрана би можело да го прошири опфатот на заштита на територијата.

Вклучување на цивили во одбраната

Мерката, сепак, може да има и спротивен ефект од намерата на Кремљ да ја минимизира видливоста на војната за руските граѓани, бидејќи директно ги вклучува цивилите во одбранбените активности.

Според законот усвоен во второ и трето читање во Државната дума, вработените во банките ќе можат да попречуваат или пресретнуваат сигнали за управување со дронови, како и да ги оштетуваат или уништуваат беспилотните летала – воздушни, подводни или копнени – кои претставуваат закана за нивните објекти, без да чекаат интервенција од безбедносните служби.

„Попречувањето на сигналот ќе се користи за да се отежни насочувањето и нападот врз целите“, изјави претседателот на Комитетот за финансиски пазари на Државната дума, Анатолиј Аксаков, за рускиот медиум РБК. „Дополнително, ќе се користат средства за нивно соборување, со што ќе се заштитат релевантните објекти.“

Секоја институција самостојно ќе одлучува кои вработени ќе бидат овластени да ги применуваат овие мерки.