1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Распука Шар Планина или неодговорното новинарство?

21 октомври 2024

И на деновите на тетовскиот грав и компирот од Вејце им најдоа „мана“. Одредени медиуми народната песна „Распукала Шар Планина“ ја претставија како „националистичка“.

https://p.dw.com/p/4m18j
Овчар со овци на планинско пасиште
Песната „Распукала Шар Планина“ нема никаква врска со национализам, туку во приказната за три овчари низ градација е отсликана љубовта, односно тагувањето кон нив од жена, сестра и мајкаФотографија: Oleksandr Rupeta/NurPhoto/picture alliance

Прочуениот квалитетен компир од Вејце се вари за 15 минути и е исклучително вкусен. Медиумските дезинформации тешко се варат, но лесно се пласираат - без факти и професионална одговорност.

Ова го покажа односот на одредени медиуми кон фолклорниот дел од манифестацијата „Денови на тетовскиот грав“ и на „Компирот од Вејце“, што вчера ја организираше Задругата за традиционално сточарство „Шарри“ од Тетово.

Во атарот на село Вејце, Тетовско, на убавите планински падини, напладне се собраа производители, сладокусци и претставници на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Манифестацијата беше збогатена со фолклорна програма, која стана предмет на медиумска злоупотреба и дезинформации. Проблемот е „виден“ во песната „Распукала Шар Планина“, која беше дел од сплет на народни песни, со кои млади играорки ја збогатија манифестацијата.

ТВ Клан Македонија oбјави дека во  тетовско Вејце се слушала песната „Распукала Шар Планина“ и други песни со македонски националистички мотиви.

„Предметната песна е заснована на мотивите од војната во 2001 година, додека сето тоа се одвиваше на само 30 метри под гробиштата на мачениците на УЧК“, објави медиумот.

Градација на љубовта

Песната „Распукала Шар Планина“, во некои верзии „Се навали Шар Планина"  (Александар Сариевски ја пее во двете)  е народна песна за која постојат записи уште од крајот на 19 век. Нејзиниот текст нема никаква врска ни со конфликтот во 2001 година, ниту со национализам, туку во приказната за три овчари низ градација е отсликана љубовта, односно тагувањето кон нив од жена, сестра и мајка. Таа песна беше дел од репертоарот на најголемите легенди на македонската народна песна и во децениите од минатиот век.

Бидејќи нејзиниот текст е јавно достапен, нејасно е зошто таа песна се претставува како националистичка и поврзана со 2001 година. Освен, ако целта била политички мотивирана, бидејќи во веста се наведува дека на манифестацијата „биле присутни и високи функционери на ВЛЕН!“, што би требало да укаже дека тие одмолчале пред една „таква песна“.

Поддршка за земјоделците

Од редовите на ВЛЕН таму беше заменик-министерот за земјоделство, Фљакрон Беџети, кој најави дека се присутни заради промоција на неколку проекти.

„Со проектот ИПАРД жителите од овој крај добија поддршка од 2 милиона и 200 илјади денари, со важна опрема. Нашата посета е за да им дадеме поддршка, да го стимулираме земјоделството и да бидеме до нив (...) Тука сме и за Денот на тетовскиот грав и на компирот од Вејце, кој е еден од  најпознатите производи од овој дел и целта е овие производи да ја добијат потребната вредност и да се ребрендираат“, изјави Беџети.

Падините на Шар Планина, Северна Македонија
Падините на Шар Планина, Северна МакедонијаФотографија: D. Cadikovska

Таму беше присутен и министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, чија порака беше споделена и на Фејсбук страната на Министерството.

„Го посетив с. Вејце, Тетовско, каде што денеска се одржаа две манифестации 'Денови на тетовски грав' и 'Ден на компирот од Вејце'. Овие две манифестации се уште еден доказ дека  македонската почва е плодна  и раѓа вкусна храна. Само преку поддршка на земјоделците можеме да јадеме вкусна и квалитетна храна. Да работиме заедно македонската храна да стане познат бренд не само во регионот туку и пошироко“, беше пораката од министерот Трипуновски.

На кого му служат?

Порталот на албански јазик „Инфошќип“, кој исто така пишува дека во рамки на уметничката програма била испеана националистичката песна „Распукала Шар Планина“, веста ја објави под наслов „Трипуновски: Вејце е ‘македонска земјa’, тетовскиот компир и грав ’македонска храна’“.

„Ваквите манифестации со македонски националистички песни за првпат се одржуваат во тетовското село Вејце“, пишува порталот.

На кого му служат вакви провокации?, реагираат граѓани на социјалните мрежи. За потсетување, со мотив дека не сакаат да слушаат „таква песна“ (Распукала Шар Планина), во август 2014 година млади момчиња демолираа кафуле во Старата скопска чаршија, при што неколку лица беа повредени.