1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИран

Протестите во Иран ескалираат: Најмалку шест мртви

ЖА / агенции
2 јануари 2026

Протестите во Иран поради тешката економска состојба ескалираа: според иранските медиуми, шест лица од четвртокот досега загинале во судири меѓу демонстрантите и безбедносните сили на западот од земјата.

https://p.dw.com/p/56DWI
 Судири на полицијата со демонстрантите во градот Кухдашт при протестите против владата
Судири на полицијата со демонстрантите во градот Кухдашт при протестите против владата Фотографија: UGC

Во светлината на тешката економска криза, маси луѓе повторно излегоа на улиците во Иран за да протестираат против владата. Според очевидци, безбедносните сили се распоредени во голем број во поголемите градови. Државата наводно особено остро ги задушува демонстрациите во руралните области, каде што се случуваат насилни судири од средата вечерта.

Најмалку двајца демонстранти биле убиени во Лордеган во централниот југ, како што јавува групата за човекови права Хенгав. И државната новинска агенција Фарс, објави за два смртни случаи во насилни судири меѓу демонстрантите и безбедносните сили во градот. Во напад врз полициска станица во покраината Лорестан, биле убиени уште три лица, а 17 биле повредени, беше објавено. Според активистите, еден маж бил застрелан и во покраината Исфахан.

Во Лордеган, демонстрантите фрлале камења кон канцеларијата на покраинскиот гувернер, градското собрание, џамија и банки, објави Фарс, при што зградите биле сериозно оштетени. Полицијата одговорила со солзавец и уапсила неколку лица во градот опишани како „водачи на групата“.

Во Кухдашт, во западната покраина Лорестан, убиен е 21-годишен член на паравоените сили Басиџ, објави државното радио. Групата редовно е распоредувана за смирување на немирите. Шефот на покраинската служба за правда објави дека виновниците ќе бидат повикани на одговорност со политика на „нулта толеранција“.

Но, групата за човекови права Хенгав ја отфрли оваа верзија. Младиот човек не бил член на Басиџ, туку обичен граѓанин кој бил убиен од безбедносните сили. Тој бил убиен од блиску со истрел во главата, објавија активистите, повикувајќи се на информирани извори. Информациите во врска со смртта не можат да бидат независно потврдени.

Според активистите, сериозни судири се случиле и во провинциите Фарс, Чахар Махал и Бахтијари, како и во Керманшах. Во градот Марвдашт, толпи се излеале на улиците, придружени со свирење со сирени, додека паравоени единици со оклопни возила и конвои на мотоцикли биле во акција против демонстрантите.

Припадници на безбедносните сили во Лордеган со оружје во рацете
Државата наводно особено остро ги задушува демонстрациите во руралните области, каде што се случуваат насилни судири од средата вечертаФотографија: UGC

Не е јасно колку луѓе во земјата со над 90 милиони жители досега  учествувале во протестите. Демонстрациите беа предизвикани од ненадејниот пад на девизните курсеви минатата недела. Трговците во главниот град Техеран беа меѓу првите што спонтано излегоа на улиците. Протестите оттогаш се проширија и во други делови од земјата и во сегменти од населението.  Студентските здруженија, кои веќе ги поддржаа  претходните бранови протести,  повикаа на демонстрации.

За време на посетата на провинциите Чахар Махал и Бахтијари во четвртокот, претседателот Масуд Пезешкијан предупреди на  политичка поделба и ги призна грешките на неговата влада. Покрај економските реформи, тој најави и укинување на субвенциите за увозниците кои претходно имаа корист од девизен курс поддржан од државата. Тој нагласи дека еквивалентната вредност треба директно да им се пренесе на потрошувачите.

Со необична искреност, политичарот изјавил дека државата и банките носат вина за високата инфлација. Тие ги испразниле „џебовите на луѓето во неповолна положба“ и ја ослабнале нивната куповна моќ. „Нашето место е во пеколот ако не ги решиме проблемите со егзистенцијата на луѓето“, наводно рекол претседателот, според иранските медиуми.