1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

102-годишна Украинка: „Сакам да ја доживеам победата“

Ирина Укина
30 ноември 2022

Љубов Јарош има 102 години. Ги има преживеано колективизацијата, „холодоморот“ и Втората светска војна. Сега, кога во Украина повторно владее војна и беда, таа не седи со скрстени раце.

https://p.dw.com/p/4KFQl
Љубов Јарош, преживеана од гладоморот
Љубов Јарош, преживеана од гладоморотФотографија: DW

Љубов Јарош седи на троседот во својата куќа и отплеткува нишка по нишка. Таа има слаб вид и слух, но е полна со енергија и неуморно плете маскирни мрежи за украинската војска, која се бори против рускиот напад врз земјата. 102-годишната Љубов живее во селото Ходоркив. Родена е во далечната 1920 година во соседното село Пустелники, во регионот Житомир.

Семејството на Љубов се сметало за доста богато, бидејќи имало кокошки, свињи, крави и коњи. Но, добитокот и сета покуќнина биле конфискувани од комунистичкиот режим на Советскиот Сојуз и однесени во тогаш создадениот колхоз. Така се викаа големите фарми во Советскиот Сојуз со кои требаше да управува „социјалистички колектив“.

Кога започнал гладоморот (холодомор), Љубов имала само 13 години. Вештачки предизвиканото масовно гладувањее организирано од советското раководство во Украина во 1932-33 година со цел да ги принуди украинските селани да се приклучат на тие колективни фарми и во исто време конечно да го разбие движењето на националниот отпор. Уште во 1931 година, десетици илјади интелектуалци беа депортирани во Сибир, меѓу нив и најважните поети, писатели и уметници во земјата. Отворена дебата за тој прогон и холодомор во Украина можеше да започне дури по распадот на Советскиот Сојуз во раните 1990-ти. Во 2006 година, украинскиот парламент го класифицираше гладоморот како геноцид врз украинскиот народ.

На 30 ноември германскиот Бундестаг треба да го означи холодоморот како геноцид. Според украинските историчари, во 1930-тите како последица од гладоморот животот го загубиле речиси четири милиони луѓе.

„Немаше што да се јаде“

„Стариот леб не беше доволен, а нов немаше. Кој имаше компири ги лупеше така што никулците остануваа на корите. Овие кори потоа беа засадувани за да има компири. Така се обидовме да одгледуваме компири“, се сеќава Љубов Јарош со тага и вели: „Немаше што да се јаде“.

За да преживеат, луѓето береле цветови од липа и коприви, ги мелеле и од нив правеле колачиња. А чај се правело од репа. „Ќе измелевме малку пченица и ќе направевме тенка супа од неа, малку ќе се напиевме, колку да ставиме нешто в уста, и си легнувавме“, раскажува таа.

Постојаната неухранетост довела до отекување на рацете и нозете на Љубов. „Имав ужасни, болни рани и не можев да одам. Татко ми ме изнесуваш надвор“, вели 102-годишната Љубов. Навечер имала халуцинации и нејзините родители мислеле дека нема да преживее.

Немаше што да се јаде, се сеќава Љубов Јарош
Немаше што да се јаде, се сеќава Љубов ЈарошФотографија: DW

„Многу деца умреа од глад“

Љубов вели дека тогаш многу деца умреле од глад: „Во куќите умираа деца. Мажите кои сѐ уште имаа малку сила одеа од куќа до куќа и гледаа како некои лежат кај шпоретот, некои на друго место. Ги собираа, ги ставија во кола, па ископаа голема дупка. Имаше десет или повеќе деца. Сите беа така закопани“.

Љубов Јарош пораснала со пет браќа и сестри. Нејзиниот постар брат Михајло бил фатен од патрола и претепан до смрт кога отишол во друго село да бара репа за своето семејство. И нејзината помлада сестра Олја починала од глад. Таткото на Љубов морал сам да ги закопа своите деца. „Имавме гробишта многу блиску. Татко ми го однесе најстариот син таму и го погреба“, вели Љубов, додавајќи со солзи дека нејзиниот брат и четиригодишната сестра биле закопани голи и без ковчег. „Мајка ми најде крпа во која ја завитка Олја“, раскажува Љубов.

Според неа, во тоа време во колхозите угинале сите крави, бидејќи никој не можел да ги носи на пасиштата и да ги нахрани. Но, месото од мртвиот добиток народот не смеел да го јаде. Дури и намерно било затруено од комунистите, вели Љубов: „Тоа беше во шишиња и се викаше креолин. Ги сечеа кравите и ги полеваа со тоа“. Со децении, луѓето во Украина не се осмелуваа да зборуваат за сите овие ужаси од страв да не завршат зад решетки, вели Љубов.

Споменик на жртвите од гладоморот во Украина (Киев, 27.11.2022)
Споменик на жртвите од гладоморот во Украина (Киев, 27.11.2022)Фотографија: Andre Luis Alves/AA/picture alliance

Холодомор, Втората светска војна и војната во Русија

Љубов го преживеала холодоморот, како и Втората светска војна. Нацистите двапати се обидеукраинале да ја однесат во Германија на принудна работа. Но, младата жена секогаш успевала да побегне. „Ме зедоа со себе за Германија, но побегнав. Кога повторно сакаа да ме земат од дома, зедов нож, ги ранив рацете и градите и посипав сол во раните. Такви рани си нанесов“, раскажува Љубов.

Кога започнала Втората светска војна, Љубов Јарош била девојка. Работела во колхоз, во пилана, па дури и научила како да обработува нива со трактор, бидејќи во тоа време во Советскиот Сојуз биле регрутирани мажи за војната против нацистичка Германија. Сега, во длабока старост, Љубов повторно преживува војна, војна помеѓу Русија и Украина. „Ова е најлошата војна. Не дај Боже, никому не би посакала ваква војна“, вели Љубов.

Никому не би посакала ваква војна, вели 102-годишната Љубов Јарош
Никому не би посакала ваква војна, вели 102-годишната Љубов ЈарошФотографија: DW

„Тријца од моите внуци се на фронтот“

Тројца од внуците на Љубов Јарош во моментов служат на фронтот. Сите се пријавиле доброволно. Во меѓувреме, нивната баба ткае маскирни мрежи. Заедно со ќерката веќе предала девет мрежи на украинската војска. „Момчињата треба да се кријат одоздола за никој да не ги погоди“, вели таа.

102-годишната Љубов Јарош секојдневно слуша вести и се надева дека сите војници живи ќе се вратат дома. Се надева и дека ќе ја доживее победата на Украина. „Имаме преживеано многу, глад и студ. Исè уште мора да страдаме. Сè уште чекаме победа, а јас сакам да ја доживеам уште оваа победа“, вели Љубов.