1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Претседателот на РКЕ, Бислимоски поднесе оставка

Даниела Трпчевска-Зафировска
12 февруари 2026

По неполни 8 години на функцијата, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски денеска поднесе оставка. Во писмото до Собранието не се наведени причините за оставката

https://p.dw.com/p/58ZZ2
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски. октомври 2018
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски поднесе оставкаФотографија: DW/K. Delimitov

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски денеска поднесе оставка, дознава Дојче веле. Бислимоски утрово со писмо го информирал претседателот на Собранието дека се повлекува од фунцијата на која за првпат беше избран во јуни 2018 година. Бислимоски во оставката не ги наведува причините за повлекувањето. Одлуката не сака да ја коментира ни тој, ниту неговите соработници. За причините засега може само да се шпекулира, доколку се има предвид дека вториот петгодишен мандат на Бислимоски завршуваше во јуни 2028 година. 

Кривична од финансиската полиција 

Пред нешто повеќе од две недели Управата за финансиска полиција (УФП) му поднесе кривична пријава на Бислимоски сомничејќи го за злоупотреба на службената положба и овластување. Во пријавата поднесена на 29 јануари се наведува дека Бислимоски, наводно, не постапил според Законот за енергетика и не ја одзел навреме лиценцата на компанијата „Тритерол петрол“ ДООЕЛ Скопје, иако не ги исполнувала условите за трговија со нафта и горива. Лиценцата наводно требало да биде одземена во јануари 2024 година, но постапката била прекината со незаконско решение и лиценцата е одземена дури во април 2025 година. 

Тоа и овозможило на компанијата да работи уште околу 15 месеци и за тој период остварила промет од над 3,15 милиони евра и противправна имотна корист од околу 229 илјади евра. 

Бислимоски на прес-конференција рече дека ќе им ги стави на располагање сите информации на надлежните институции, со цел да докаже дека во постапката за одземање на лиценцата на компанијата не било направено никакво прекршување на законската регулатива. 

„Во наредниот период ќе го следам целиот процес и нема да дозволам на ниту еден начин да биде нарушено моето име. Сè што стои на располагање ќе им биде доставено на институциите. Цврсто сум убеден дека ќе докажеме дека немало прекршување ниту на Законот за енергетика, ниту на Правилникот за лиценцирање“, изјави Бислимоски.

Во ноември минатата година, Финансиската полиција поднесе кривична пријава и против двајца управители на „Тритерол Петрол“ и против компанијата, поради сомнеж за фалсификување исправа и злоупотреба во постапка за јавни набавки. 

„Ме третираат како криминалец“ 

Во мандатот на Бислимоски, Регулаторната комисија за енергетика повеќе пати беше оценувана како најдобар регулатор од Секретаријатот на енергетска заедница и добиваше пофалби за спроведените реформи. Но, Бислимоски и Комисијата беа честа мета на критики и политички напади во истиот период. 

Во 2020 година тогашната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ организираше и протести пред седиштето на РКЕ во Скопје поради поскапувањето на цената на струјата. 

Христијан Мицкоски на протестите на ВМРО-ДПМНЕ против поскапувањето на струјата. септември 2020
Христијан Мицкоски во 2020 година ги предводеше протестите на ВМРО-ДПМНЕ против поскапувањето на струјатаФотографија: DW/P. Stojanovski

Во 2022 година, Бислимоски се пожали дека особено за време на корона-пандемијата и енергетската криза предизвикана поради руската агресија врз Украина „се чувствувал како најголем криминалец во државата“ поради постојаните напади. 

„Особено бевме напаѓани за цените на нафтените деривати, па дури бев залепен на плакати низ Скопје и се чувствував дека сум најголем криминалец во државата. И тогаш кажував дека тоа се лажни вести“, ќе рече Бислимоски во 2022 година. 

Во октомври 2021 година, Бислимоски беше цел и на физички напад од Аријанит Џафери, син на поранешниот функционер на ДУИ Муса Џафери и сопственик на компанијата за снабдување со електрична енергија „У Пауер“. Причината за нападот беше постапката за одземање на лиценцата на компанијата на Џафери од страна на РКЕ. 

Марко Бислимоски го извршуваше својот втор петгодишен мандат како претседател на РКЕ. Првиот мандат му беше од јуни 2018 до јуни 2023 година, а во јули 2023 година повторно беше избран на функцијата. Во РКЕ работи од нејзиното основање во 2004 година.