1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаЈужна Кореја

Јун Сок Јеол осуден на доживотен затвор

БГ /АП
19 февруари 2026

Поранешниот претседател на Јужна Кореја Јун Сок Јеол е осуден на доживотен затвор поради незаконското воведување вонредна состојба во државата во декември 2024 година.

https://p.dw.com/p/590uL
Поранешниот претседател Јун Сок Јеол на Јужна Кореја за време на судењето. февруари 2025
Поранешниот претседател Јун Сок Јеол на Јужна Кореја е осуден на доживотен затворФотографија: Lee Jin-man/AP Photo/picture alliance

Поранешниот претседател на Јужна Кореја, Јун Сок Јеол, е осуден на доживотен затвор за краткотрајното воведување на вонредна состојба во декември 2024 година. Судот утврди дека Јун е виновен за бунт, откако наредил мобилизација на воени и полициски сили во обид незаконски да го преземе парламентот под водство на либералната опозиција, да уапси пратеници и да воспостави неограничена власт „за подолг период“.

Судијата Џи Куи-јун истакна дека доказите потврдуваат сериозен обид за нарушување на уставниот поредок. Јун најверојатно ќе поднесе жалба на пресудата. 

Специјалниот обвинител претходно побара смртна казна, оценувајќи дека постапките на Јун претставуваат закана за демократијата и заслужуваат најстрога санкција. Сепак, повеќето аналитичари очекуваа доживотна казна, бидејќи лошо планираниот обид за заземање на власта не предизвика жртви. Јужна Кореја не спровела смртна казна од 1997 година, што многумина го сметаат за фактички мораториум во услови на сѐ погласни повици за укинување на казната.

Додека Јун пристигнуваше во судот, стотици полицајци го обезбедуваа просторот додека неговите поддржувачи протестираа пред комплексот. Нивните повици се засилија кога притворскиот автобус помина покрај нив. Во близина протестираа и негови критичари, кои бараа смртна казна. 

Битка против „антидржавните сили“ 

Судот изрече казни и за повеќе поранешни воени и полициски функционери вмешани во спроведувањето на декретот за вонредна состојба, меѓу нив и поранешниот министер за одбрана Ким Јонг Хјун, кој доби 30 години затвор за централната улога во планирањето и мобилизацијата на воените сили.

Јун, тврдокорен конзервативец, го бранеше декретот како неопходна мерка за спречување на либералите, кои тој ги нарекува „антидржавни сили“, да ја блокираат неговата политичка агенда со нивното парламентарно мнозинство. Вонредната состојба беше укината по околу шест часа, откако група пратеници успеа да помине низ воениот кордон и едногласно гласаше за нејзино укинување.

Јун беше отстранет од функцијата на 14 декември 2024 година, по импичментот изгласан од парламентот, а Уставниот суд го потврди отповикувањето во април 2025 година. Тој е во притвор од јули минатата година и се соочува со повеќе кривични постапки, при што обвинението за бунт носи најтешка казна.

Минатиот месец, Јун беше осуден на пет години затвор за спротивставување на апсењето, фалсификување на прогласот за вонредна состојба и заобиколување на законски задолжителниот состанок на Владата пред да го прогласи декретот.

Сеулскиот централeн суд осуди и двајца членови на неговиот кабинет во одвоени случаи. Меѓу нив е и премиерот Хан Дак-су, кој доби 23 години затвор за обид да го легитимира декретот преку присилно туркање на одлуката на седница на Владата, фалсификување документи и сведочење под заклетва. Хан поднесе жалба.