1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полска: Како „лудиот“ градоначалник донесе чиста струја

23 март 2024

Во полскиот град Лондек-Здрој мислеле дека градоначалникот е луд кога предложил поле полно со соларни панели. Денеска таму дишат почист воздух и тројно поевтино плаќаат струја.

https://p.dw.com/p/4drh5
Сончеви полиња
Сончеви полиња во близина на градотФотографија: Marta Thor/DW

Кога Роман Качмарчик стана градоначалник на Лондек-Здрој во 2014 година, неговата визија беа соларни панели на околните полиња каде што растеше пченицата. Граѓаните го избраа, но сметаа дека тоа е „луда“ идеја.

Во тоа време, обновливата енергија беше сè уште непозната област за повеќето Полјаци, но Качмарчик вети дека ќе го претвори малиот бањски град во близина на границата со Чешка во првата енергетска самодоволна заедница во Полска.

Според него, ова со еден удар би убило две муви: ќе го намали страшното загадување на воздухот во градот и високите трошоци за енергија.

Качмарчик, по професија информатичар и економист, речиси целиот свој живот го поминал меѓу 5.500 жители на Лондек-Здрој. Сите тие, особено во зимските денови, мораа да дишат загаден, сулфурен воздух.

Како и во многу полски градови, повеќето од жителите на Лондек-Здроје користеле нафта, јаглен, дрва, па дури и отпад за греење. Зградите на градот, иако имале светли бои, секоја зима добивале нов слој црнила и станувале потемни.

„Овде нема смог!

За смогот не смеело да се зборува во мало гратче чиј главен извор на приходи биле здравственото одморалиште и локалните бањи. Но, туристите редовно се жалеле на загадениот и смрдлив воздух.

Денес, Лондек-Здрој може да се пофали со фотоволтаична соларна фарма со дваесет реда соларни панели распоредени на поле од 11 хектари, што е приближно како површина од петнаесет фудбалски игралишта.

Качмарчик тврди дека проектот бил голем успех на сите нивоа: градот сега има почист воздух, поевтина струја и е на добар пат да стане независен од националната електрична мрежа.

Роман Качмарчик
Роман КачмарчикФотографија: Marta Thor/DW

Енергетската задруга во Лондек-Здрој - една од 22-те енергетски заедници во Полска - започна со работа во септември минатата година. Тројцата основачи беа најголемите компании во општината.

Членовите на задругата добиваат чиста енергија директно од соларната фарма по третина од цената што вообичаено би ја платиле, а им се пресметува само користењето на мрежата.

Оваа година колективот ќе добие нови членови од градот и девет околни села. Бизнисмените и приватните домаќинства можат да купат акции со вредност од 227 евра, плус единечна уплата од истата сума за влез во задругата. Покрај тоа, сите комунални згради во Лондек-Здрој сега целосно се снабдуваат со локална зелена енергија.

И покрај очигледните придобивки од иницијативата, градоначалникот сè уште има потешкотии да им ги објасни своите напори на дел од граѓаните. На многумина не им е јасно дека толку многу се инвестира во соларни панели наместо да се поправаат патишта и друга комунална инфраструктура. „Не се сите убедени дека задругата функционира“, признава градоначалникот.

Поранешната влада против се што е „европско“

Кога Качмарчик почнал да го планира проектот, сфатил дека ниту полската влада не е подготвена за ваков пионерски потфат. Веќе со терминот „задруги“ тие беа ставени под надлежност на Министерството за земјоделство и затоа можеа да се основаат само во руралните области.

Градоначалникот имал многу среќа, според Кшиштоф Смолнички од Фондацијата Екоразвој, еколошка фондација во Вроцлав. „Не постои законска регулатива во Полска за самоорганизирани енергетски колективи и производители-потрошувачи на обновлива енергија“, изјави тој за ДВ.

Иако има се повеќе соларни панели на покривите на куќите во Полска, сепак е невозможно да се формираат заедници и задруги за обновливи извори на енергија во градовите.

„Големите задруги треба да се охрабруваат во градските предградија, јавните згради како што се училиштата, болниците и општинските згради, наместо во руралните средини“, смета Смолнички.

За време на претходната влада, Полска не успеа да донесе законски рамки за регулирање на колективите за обновливи извори на енергија.

Иренеуш Перковски, полски енергетски пионер, исто така ја критикува претходната влада на партијата Право и Правда. „Во принцип се сметаше дека законите за субвенции и мерни методи ќе се применуваат во општините, а не во министерствата и дека иницијативата ќе се развива од долу нагоре. Но, тоа никогаш не се случи“, смета Перковски.

По осум години конзервативна влада, која веќе беше скептична за климатските промени и обновливите извори на енергија, Качмарчик сега се надева дека и новата влада во Варшава ќе поддржи такви проекти.

Затоа што новата, полиберална коалициска влада на Полска најави дека ќе промовира чиста енергија и постепено ќе ја укине употребата на јаглен до 2040 година. И навистина, Качмарчик неодамна аплицираше во нова инвестициска програма за енергетски колективи за десеткратно зголемување на соларната фарма во градот.

Градоначалникот упорно му пишува на Брисел

Иако немаше никакво финансирање на национално ниво за оние кои се заинтересирани за основање енергетски задруги, Качмарчик успеа да добие поддршка за голем број други еколошки проекти во градот од Европската Унија, значаен извор на финансирање на обновливите извори на енергија за Полска.

Роман Качмарчик
Бањскиот град се ослободува од лошиот воздухФотографија: Marta Thor/DW

Минатата година, Европската комисија и одобри на Полска околу 60 милијарди евра поддршка и заеми, меѓу другото, за транзицијата на земјата кон одржливост и климатска неутралност.

Качмарчик редовно пишува барања за поддршка: со пари од ЕУ го обнови осветлувањето на градот со ЛЕД светилки, јавните згради беа изолирани, а дури 182 поранешни котлари на јаглен беа заменети со топлински пумпи или котли на гас.

Градот Лондек-Здрој стана пример за многу други градови во Полска. А, кога станува збор за квалитетот на воздухот, градоначалникот постојано добива најнови податоци за тоа на својот мобилен телефон.

Качмарчик се здоби со репутација на експерт за енергија и го споделува своето знаење на форуми, експертски панели и конференции низ Полска. И доколку граѓаните на Лондек-Здроје на следните избори повторно не го изберат за градоначалник, тој признава дека ќе се налути.

Но, ако тоа се случи, тој лесно ќе најде работа како консултант во други полски градови кои сакаат почист воздух и сопствена енергија. Бидејќи според Качмарчик, енергетската трансформација во Полска само што започна.

Овој напис е дел од  серијалот од пет земји  за енергетските заедници во ЕУ, поддржан од  Journalismfund Europe, и  првпат објавен на англиски јазик. 

 

Соларно село - 40 години живот без приклучување на електричната мрежа