1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Култура на насилство: Младите учат од тоа што го гледаат

4 мај 2023

Трагедијата во Белград може да се случи секаде. За жал, не постои родителска солидарност во заложбите децата да се заштитат од активности кои ги учат на насилство, велат родители.

https://p.dw.com/p/4QsO7
Саем Оружје САД
Играчките - оружје се застапени секаде, и во продавници и во е- продажба. И тоа за рана возраст.Фотографија: Evelyn Hockstein/REUTERS

Трагедијата што се случи во белградското основно училиште, може да се случи секаде каде што однесувањето на децата/учениците примарно останува надвор од радарот на родителите, а потоа и на наставниците и училишните психолози. Според психолозите, современиот начин на живот, постојаното брзање, зафатеноста на родителите со обврски, остава простор децата подолг период од денот да бидат без увид на родителите во активностите со кои тие го поминуваат нивното слободно време. 

„Висењето“ на телефоните и социјалните мрежи, користењето игри во кои доминантно е насилството, прифаќањето разни опасни предизвици иницирани на социјалните мрежи, се дел од веќе познатите проблеми, но за нив најмногу се говори само кога ќе се случи трагедија.

Од играчка - плачка 

„Ако во јавниот дискурс вирее култура на насилство - вербално и физичко, растечки говор на омраза и наметнување на перцепцијата дека мирниот и пацифистот се слабаци, ако е тоа атмосферата во која растат сегашните генерации млади, тие ќе учат од тоа што го гледаат околу себе“, вели М.В., мајка на 13 -годишен ученик од Скопје.

Таа пред две години му вовела рестрикиции во користењето на мобилен телефон и достап до несоодветни содржини за негова возраст, што иако неволно, сепак било прифатено од нејзиниот син. Но пак заради тоа бил изложен на потсмев од соученици. За овие теми се разговарало и на родителски средби, но поголемиот дел не покажале интерес, иако повод биле примери на врсничко насилство. 

Белград
Граѓани палат свеќи за загинатите и повредените во нападот во БелградФотографија: Antonio Bronic/REUTERS

„Сега во тренд е славење родендени во објекти каде главна забава е некаква игра во мрак, со употреба на ласерски пушки и со сензори на глава, и на децата тоа им изгледа атрактивно. Но, проблемот е што низ такви игри децата може да се научат да го засакаат оружјето, и ласерската пушка еден ден да ја заменат со поинаква“, предупредува загрижената родителка.

Таа, но и други родители, како проблем го истакнуваат тоа што воопшто не постои родителска солидарност во третманот на овие прашања, и наместо да се заштитат децата од активности кои ги учат на насилство, сѐ завршува со поделба и оценки дека едни родители се „многу нефлексибилни“, а други „модерни, во чекор со времето“.

„Од родителите примарно зависи каков интерес ќе разбудат за детето - дали ќе му купат пушка, или нешто со кое ќе развива креативни или спортски вештини. За жал, оружјето како играчка, или игрите со оружје, предничат пред сѐ друго“, вели родителката.

Играчките - оружје се застапени секаде, и во продавници и во е- продажба. И тоа за рана возраст. На пример, како „идеален подарок“ за деца над 6 годишна возраст - се нуди играчка полуавтоматска пушка реплика на калашников (АК-47) и пиштол реплика на МК-47.

„Пушката се репетира и спремна е за акција! Пушката има можност за склопување и расклопување, исто како и вистинските пушки. Ова е еден прекрасен сет со кој вашите деца ќе си играат повторно, и повторно“, се вели во огласот. 

Измени за законот 

По трагичниот настан што се случи вчера во основното училиште во белградската општина Врачар, каде 9 лица беа убиени, а 7 ранети, претседателот на Србија, Александар Вучиќ синоќа предложи да се воведе мораториум за издавање дозволи за поседување и носење оружје во следните две години. Исто така предложи и да се изврши ревизија на сите издадени дозволи за поседување оружје, да се направи контрола на начинот на кој лицата што имаат дозвола го чуваат оружјето - дали се исполнети законските барања за негово безбедно сместување и складирање, дали оружјето се чува одвоено од муницијата и дали е достапно за малолетници и други неовластени лица.

Владислав Рибникар Белград Училиште Србија
Цвеќе и свеќи пред основното училиште Владислав Рибникар во БелградФотографија: Nemanja Rujevic/DW

Во моментот, во РСМ тече постапка за донесување на измени и дополнувања на Законот со оружје, но таа досега не предизвика поширока дебата, барем не во претходно споменатиот контекст. За предложените измени реакции имаше единствено од Ловечката федерација на Македонија, која предложените измени ги оцени како неевропски и штетни, со кои се засегаат 100.000 лица иматели на ловечко оружје.

Колку луѓе во земјата поседуваат оружје со дозвола? Пред дваесетина години бројката на издадени дозволи за поседување оружје варирала од година во година. Во 2004 година биле издадени 7.147 дозволи, во 2005 година 1.698, а во 2008 година само 140. Во периодот од 2003 до 2013 вкупниот број на регистрирани парчиња оружје кај правни лица, односно, кај агенции за обезбедување имоти и лица, стрелачки и ловечки организации бил 1.255.

Во земјата постои евиденција кој поседува легално оружје, но не и проценка за нелегалното оружје. Според истражувањето на организацијата „Small Arms Survey“ (SAS) од 2019 година, граѓаните на Република Северна Македонија поседуваат околу 621.000 парчиња оружје, од кое 169.687 се регистрирани, а 451.313 нерегистрирани.

Мисијата на ОБСЕ во Скопје ги поддржува иницијативите за намалување на нелегалното поседување на оружје, преку обука на полицијата и преку подигнување на свеста на граѓаните за тоа како да се спречи оруженото насилство.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема