1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клисаровска: Нема проблеми со терапијата на Онкологија

БГ
4 септември 2023

На Клиниката за Онкологија нема проблеми со терапијата, уверува директорката Клисаровска. Министерот Меџити вели дека надлежните треба да кажат дали и кој сторил криминал на Клиниката.

https://p.dw.com/p/4Vw8a
Фатмир Меџити Виолета Клисаровска Хаљид Матоши
Министерот за здравство Фатмир Меџити и в.д. директорите на Клиниката за онкологија д-р Виолета Клисаровска и Хаљид Матоши на прес-конференцијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Обвинителството ќе даде одговори на прашањето кој е одговорен за можниот криминал на Клиниката за Онкологија во Скопје, порача на прес-конференција во понеделникот, министерот за здравство Фатмир Меџити. Министерот соопшти дека сета документација за случајот од министерството им е предадена на Министерството за внатрешни работи и Обвинителството.

Меџити, придружуван од в.д. директорите на Клиниката за онкологија д-р Виолета Клисаровска и Хаљид Матоши, побараа да не се ставаат сите доктори во ист кош и ги уверуваа пациентите дека сега нема проблеми со терапијата.

Клисаровска излезе со молба и апел да не се генерализира проблемот врз целиот медицински тим. Таа тврди дека од ноември 2022 година, кога е назначена за медицински директор, секој пациент ја добива препишаната терапија без никави манипулации со лековите. Клисаровска рече дека претходно имала информации за бездноста на лековите по допрен глас, но дека тие не можеле да докажат. Клисаровска рече дека веќе има една медицинска сестра која во мај добила отказ од работа бидејќи била фатена со украдена терапија, но не од таа терапија за која се зборува во јавноста. 

Меџити: Состојбата е променета 

Клисаровска вели дека Клиниката е целосно достапна на надлежните органи со цел брзо откривање на евентуалните виновници. Тие најостро го осудуваат секое несовесно постапување во Клиниката. Апелираше до надлежните надлежните институции час поскоро ако има виновници тие да бидат изведени пред лицето на правдата. 

Фатмир Меџити Виолета Клисаровска Хаљид Матоши
Меџити рече дека во периодот кога тој е министер состојбата на онкологија е променета.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Меџити рече дека во периодот кога тој е министер состојбата на онкологија е променета. За биолошката терапија за пациентите сега не одлучуваат еден или двајца доктори туку раководителите на сите 12 оддели на Клиниката еднаш неделно, а од тој момент директорката е изземена. 

Меџити и Клисаровска потенцираа дека во овие шест месеци терапијата за пациентите е безбедна и сигурна и дека нема манипулации со терапијата. 

Ковачевски: Нема да има пардон за никого  

Премиерот Димитар Ковачевски во понеделникот порача „дека пардон нема да има за никого во овој случај“.
„Ова е еден грозен случај во којшто МВР има определено тим што работи на прибирање на обемен доказен материјал, каде што работат подоцна со Обвинителството. Се надевам дека и Обвинителството ќе ја објасни нивната постапка, бидејќи тие се посебен орган“, рече Ковачевски. 
Тој апелираше да не се политизира случајот и рече дека ги разбира загриженоста и бесот на граѓаните, оценувајќи дека најавениот протест е добар затоа што „врши дополнителен притисок врз институциите побрзо да ја завршат својата работа“.  
„Очекувам да се спроведе професионална, брза истрага, којашто ќе идентификува поединци кои се огрешиле пред закон и пред етички и морални принципи на докторската фела. Исто така повикувам да не се прави сензационализам и да не се обвинува целата докторска фела за нешто што го направиле поединци, бидејќи нашето здравство има професионални и прекрасни доктори кои се грижат за нашето здравје“, рече премиерот Ковачевски. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема