Земјотрес во Тајван: Потрагата по исчезнати продолжува
4 април 2024Работите за спасување и расчистување на урнатините продолжуваат по силниот земјотрес во Тајван во кој загинаа најмалку девет лица, а стотици беа повредени. Службите за итни случаи успеаја да извлечат шест рудари заробени во затрупаниот каменолом на безбедно, објавија денеска властите. Според Националната противпожарна служба, околу 150 луѓе се или заробени или немаат контакт со надворешниот свет од други причини - вклучувајќи и 64 работници во друг каменолом. Нема контакт со 52 лица, изјави министерот за внатрешни работи Лин Ју-чанг. На тие луѓе итно им се потребни храна и вода, објасни тој. Нејасно е колку се уште се живи.
Според властите, потрагата по затрупани и исчезнати лица е фокусирана во областа околу градот Хуалиен. Околу 40 вработени во хотел во Националниот парк Тароко во источен Тајван, исто така, се водат за исчезнати.
300 последователни потреси
Земјотресот го погоди Тајван во средата наутро за време на сообраќајниот шпиц и беше почувствуван на островот со повеќе од 23 милиони луѓе. Според тајванските податоци, тој достигнал интензитет од 7,2 степени и се смета за најлошиот земјотрес таму во последните 25 години.
Епицентарот на земјотресот беше на само неколку километри од источниот брег во близина на Хуалиен, кој бил особено погоден - и поради релативно малата длабочина на епицентарот, на само 15,5 километри под површината на земјата. До денеска изутрина, во Тајван се забележани повеќе од 300 послаби последователни потреси.
Земјотрес во Фукушима, Јапонија
Нов земјотрес денеска го погоди североисточниот дел на Јапонија. Според јапонската метеоролошка агенција, тој бил со јачина од 6 степени и се случил во регионот Фукушима - не е издадено предупредување за цунами. Нема извештаи за штети или за повредени веднаш по земјотресот, кој се почувствувал и во главниот град Токио.
Јапонија се наоѓа во една од тектонски најактивните области во светот и има строги градежни стандарди дизајнирани да обезбедат зградите да издржат силни земјотреси. Архипелагот е погоден од околу 1.500 земјотреси секоја година.