1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По недели исчекување, вулканска ерупција на Исланд

СН/агенции
19 декември 2023

Земјата се тресеше во Исланд со недели. Луѓето стравуваа дека може да дојде до вулканска ерупција. Сега стравувањата се остварија.

https://p.dw.com/p/4aK9c
Вулканот на полуостровот Рејкјанес започна да исфрла лава и пепел во текот на ноќта
Вулканот на полуостровот Рејкјанес започна да исфрла лава и пепел во текот на ноќта Фотографија: Kristinn Magnusson/AFP

Вулкан во југозападен Исланд еруптираше во понеделникот по неколку недели интензивна сеизмичка активност, соопшти државната Метеоролошка служба.

На полуостровот Рејкјанес, властите евакуираа речиси 4.000 жители на рибарскиот град Гриндавик и ја затворија блиската геотермална бања Сина лагуна.

Чад се крева во хоризонтот кај селото Хафнарфјодур во Исланд по булканската ерупција
Чад се крева во хоризонтот кај селото Хафнарфјодур во Исланд по булканската ерупцијаФотографија: Oskar Grimur Kristjansson/AFP/Getty Images

„Предупредување: Ерупцијата започна северно од Гриндавик кај Хагафел“, објави Метеоролошката служба на својата веб-страница.

На социјалните мрежи се појави видео од моментот на ерупцијата на вулканот, на кое огнена топка ненадејно ја осветлува црната темница.

На видеата и во директните преноси на локалната новинска агенција РУВ се гледа како лава излегува од вулканот.

Меѓународниот аеродром во Рејкјавик, кој се наоѓа во близина, остана отворен.

Луѓе во главниот град на Исланд, Рејкјавик го набљудуваат осветленото ноќно небо над блискиот полуостров Рејкјанес каде по повеќенеделна интензивна сеизмичка активност еруптираше тамошниот вулкан.
Луѓе во главниот град на Исланд, Рејкјавик го набљудуваат осветленото ноќно небо над блискиот полуостров Рејкјанес каде по повеќенеделна интензивна сеизмичка активност еруптираше тамошниот вулкан.Фотографија: Brynjar Gunnarsson/AP Photo/picture alliance

Во последните години имаше неколку ерупции на полуостровот во ненаселени области, но се верува дека сегашната ерупција претставува непосредна закана за Гриндавик, соопштија властите.

Сите рути до градот Гриндавик ќе бидат затворени за патници во наредните неколку дена поради вулканската ерупција во близината на овој рибарски град.

„Би сакале да ги замолиме луѓето да не одат до ерупцијата и да запомнат дека гасовите можат да бидат опасни“, објави Одделот за јавна безбедност на Исланд на Фејсбук.

Вулканска ерупција е неминовна?

Се додава дека ќе бидат потребни неколку дена за научниците да ја проценат ерупцијата и оти властите ќе ја проценуваат ситуацијата секој час.

Рејкјанес е вулканско и сеизмичко жариште југозападно од главниот град Рејкјавик. Во март 2021 година, фонтаните од лава еруптираа спектакуларно од пукнатината долга 500-750 метри во земјата во вулканскиот систем Фаградалсфјал.