Германија: Пукање во Штаде - пет жртви
29 јуни 2026
Пет лица се убиени во понеделникот во пукање што се случило во установа за згрижување млади лица во градот Штаде, во германската сојузна покраина Долна Саксонија. Според информациите што полицијата ги објави преку социјалната мрежа Воцеп, повеќе други лица се повредени. Не може да се исклучи дека бројот на жртви би можел дополнително да се зголеми. Истражителите уапсија двајца осомничени, вклучувајќи го и наводниот вооружен напаѓач. Многу прашања остануваат неодговорени.
Истрагата е во тек
Според полицијата, убиството се случило во дом за социјална помош за млади, во кој се сместени станбени единици за мајки и нивните деца. Истражителите првично не објавија детали во врска со идентитетот на починатите или осомничените. Улогата што наводно ја играло второто уапсено лице, исто така, останува нејасна. Околностите зад насилното злосторство во градот западно од Хамбург во моментов се целосно нејасни. Сепак, првичните наоди на истражителите не укажуваат на поврзаност со таканаречен клански криминал.
„Истрагата за причините и точниот тек на кривичното дело е во тек“, соопштија од полицијата, додавајќи дека за населението не постои никаква опасност.
Осомничените приведени при полициска акција
Полицијата соопшти дека осомничените биле приведени во рамки на итно спроведена потрага и оперативни активности на терен. Меѓу нив се наоѓа и лицето кое се смета за главен осомничен стрелец.
Претходно, полицијата извести дека во улицата Данкерсштрасе во Штаде имало „голема полициска интервенција“. Граѓаните беа повикани да го напуштат погоденото подрачје и да го избегнуваат поширокиот регион.
Штаде е град во Германија, во покраината Долна Саксонија, во близина на Хамбург и реката Елба, со околу 50.000 жители.