Голоб победи, но го загуби мнозинството
23 март 2026
Парламентарните избори во Словенија донесоа тесен резултат. Иако партијата Движење за слобода на премиерот Роберт Голоб освои најмногу гласови, постојната владина коалиција повеќе нема мнозинство во парламентот.
Минимална предност на Движење за слобода
Изборната трка беше тесна до последен момент. На крајот, партијата на Голоб повторно го освои првото место — но далеку помалку убедливо отколку на претходните избори.
Движење за слобода доби околу 28,6% од гласовите, додека десно-конзервативната СДС на Јанез Јанша освои околу 28%, односно само половина процент помалку.
Социјалдемократите и Левицата, коалициските партнери на Голоб во досегашната влада, заедно со него повеќе не обезбедуваат парламентарно мнозинство. И покрај тоа, Голоб во обраќањето до поддржувачите изрази благодарност и оптимизам.
„Ви благодарам што ѝ ја дадовте вашата доверба на слободата и што ни овозможивте да бидеме релативен победник на овие избори“, рече тој. „Во следните денови ќе се сретнеме со сите избрани партии со цел да формираме заедничка влада.“
Нема мнозинство – ниту на власта, ниту на опозицијата
Земјата-членка на ЕУ и НАТО се соочува со тежок процес на формирање влада. Ниту левиот ниту десниот блок го немаат потребното мнозинство од 46 места во парламентот со 90 места.
Опозицискиот десен блок, предводен од СДС на Јанша, исто така не стигнува до 46 пратеници.
Во ваков распоред, улога на „јазиче на вагата“ би можела да ја има анти-естаблишмент партијата Ресни.ца, позната по проруските позиции и политичка непредвидливост. Формирање коалиција со таков партнер се смета за исклучително неизвесно.
Голема коалиција помеѓу Голоб и Јанша, пак, е оценета како речиси невозможна поради длабоката идеолошка поделеност и долготрајната политичка поларизација во земјата.
Јанша бара повторно пребројување
Јанез Јанша, кој веќе трипати бил премиер на Словенијаи важи за политичар близок до Доналд Трамп и унгарскиот премиер Виктор Орбан, го оспори резултатот веднаш по изборната вечер.
Тој тврди дека имало нерегуларности при пребројувањето на гласовите и најави дека ќе бара официјална проверка:
„Ќе имаме однос на сили во парламентот и една влада која, според сегашните резултати, нема да биде особено стабилна. Ќе побараме проверка на изборите, исто како минатиот пат, кога две недели подоцна се утврди дека биле избрани други, а не оние што првично се славеа како победници.“
Скандалот што го погоди Јанша во завршницата
Јанша долго време водеше во анкетите пред изборите. Но непосредно пред изборите избувна скандал со тајно снимени видеа што требаше да го прикажат таборот на Голоб како корумпиран.
На видеата се разговараше за „услуги“ и „влијание“, а главен лик беше поранешна министерка за правда од редовите на Голоб, измамена од лица што се претставувале како британски инвеститори.
Улогата на израелската фирма Black Cube, која има врски со израелските разузнавачки служби, предизвика дополнителен шок. Снимките беа објавени на нивната веб-страница, по што премиерот Голоб и министерката за надворешни работи Тања Фајон го обвинија Јанша за велепредавство и напад врз словенечката сувереност.
Јанша најпрвин негираше вмешаност, но подоцна призна дека имал контакти со израелската страна. Скандалот го стави во дефанзива и значително го ослабна неговиот завршен изборен настап.
Автор: Оливер Сос, АРД