САД ги нападнаа проиранските милиции во Ирак
26 декември 2023По нападот врз база во Ирак во кој беа повредени тројца американски војници, САД ги нападнаа проиранските милиции во земјата. Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин изјави дека американските сили извршиле „неопходни и соодветни“ напади врз три објекти што ги користела паравоената организација Катаеб Хезболах и групите поврзани со милицијата.
„Овие прецизни напади се одговор на серијата напади врз американските војници во Ирак и во Сирија од страна на милициите поддржани од Иран“, рече Остин. Тој особено се осврна на нападот врз воздухопловната база во Ербил во курдскиот автономен регион во северен Ирак во понеделникот. Според американските информации, тројца американски војници се повредени, од кои еден потешко.
Се зголемуваат нападите врз американските сили
Од почетокот на војната меѓу Израел и палестинската исламистичка организација Хамас на 7 октомври, нагло се зголемија нападите врз базите што ги користи американската армија во Ирак и во Сирија. Американската војска од средината на октомври забележала повеќе од 100 вакви напади. За нападите во Ирак одговорност претежно ја презеде Исламскиот отпор, лабаво здружение на вооружени групи поврзани со проиранската мрежа Хашед ал Шаби.Околу 2.500 американски војници се стационирани во Ирак и 900 во Сирија. Воената коалиција предводена од САД во овие земји има за цел да помогне да се спречи повторното оживување на џихадистичката милиција „Исламска држава“ (ИД).