Одложени американските царини за Канада и Мексико
4 февруари 2025Северноамериканска трговска војна со неизвесни последици за глобалната економија е избегната - барем засега. Само неколку часа пред да стапат на сила казнените царини од 25 проценти за стоки од соседните земји Мексико и Канада, американскиот претседател Доналд Трамп се согласи да направи отстапки, пред сѐ во интерес на безбедноста на границите.
За таа цел, тој ги одложи трговските ограничувања за најмалку 30 дена. Трамп на тој начин фактички ефективно ги искористи царините како средство за отстапки, од кои дел не се сосема нови, односно веќе беа на маса пред да ја преземе функцијата.
Зајакнување на безбедносните мерки на границата со САД
Канадскиот премиер Џастин Трудо соопшти дека одмаздничките царини за увоз од Соединетите Американски Држави, објавени од страна на неговата влада, сега исто така привремено се тргнати од дневен ред. „Канада спроведува граничен план од 1,3 милијарди долари (870 милиони евра) - границата ќе се зајакне со нови хеликоптери, технологија и персонал, подобрување на координацијата со нашите американски партнери и зголемување на ресурсите за запирање на протокот на фентанил“, рече Трудо. Покрај тоа, ќе бидат преземени дополнителни мерки против прекуграничниот криминал.
Во САД, фентанилот предизвика огромен проблем со дрогата во последниве години, со десетици илјади смртни случаи. Според американскиот институт одговорен за истражување на злоупотреба на дрога, повеќе од 70.000 луѓе починале само во 2021 година од предозирање со синтетички опиоиди - главно фентанил. Супстанциите често доаѓаат во САД од лаборатории за лекови во странство.
За време на изборната кампања, Трамп вети дека ќе ја спречи кризата со фентанил и граничниот криминал. Во понеделникот (3.02) тој напиша дека негова работа како претседател е да обезбеди сигурност на сите Американци. Заклучокот на Трамп гласи: „Задоволен сум од овој прв резултат“. Во следните 30 дена мора да се утврди „дали може да се најде конечен економски договор со Канада или не“, продолжи тој. Целта е: „Праведност за сите!“
Договор и со Мексико
Претходно, Белата куќа постигна сличен договор со Мексико. Претседателката Клаудија Шајнбаум рече дека со Трамп се договорила Мексико да ја зајакне северната граница со 10.000 војници од Националната гарда за да се спречи шверцот на дрога од Мексико во САД, „особено трговијата со фентанил“.
САД, од друга страна, се обврзале да се борат против трговијата со оружје. За време на предизборната кампања, Трамп веќе го повика Мексико да преземе построги мерки против миграцијата и нарко-картелите.